– Денеска оддаваме почит на 82-годишнината од депортацијата на македонските Евреи, една од најголемите трагедии во нашата историја. Ова не е само ден на тага и сеќавање, туку и ден на предупредување. Пред Втората светска војна, во Македонија живееше просперитетна еврејска заедница, која беше неразделен дел од нашиот културен, економски и социјален живот. Во март 1943 година, 7.144 наши сограѓани – мажи, жени и деца, беа присилно собрани, затворени во логорот „Монопол“ и испратени во Треблинка, каде што речиси целата заедница беше уништена.
Нашата обврска денес е да не молчиме пред неправдата, да ја чуваме вистината и да се бориме против секоја форма на омраза и дискриминација. Македонија е земја на различности, а еврејската заедница, иако речиси уништена во Холокаустот, останува дел од нашата историја, култура и совест. Додека стоиме овде, да се заколнеме дека оваа трагедија никогаш нема да се заборави. Никогаш повеќе!, порача Мицкоски.
2025-03-11