Талат Џафери, претседателот на македонското Собрание и владината делегација денеска беа исвиркани за време на пристигнувањето на илинденската прослава на Мечкин Камен. Дел од присутните граѓани додека тие се движеа по патеката кон Мечкин Камен свиреа и извикувааа „уа, уа, уа“ и „никогаш северна само Македонија“, jaви порталот МКД.
Спикерот Талат Џафери во својот говор пред присутните рече дека е време за разум и преземање одговорност.
„Дали ќе продолжиме напред кон евроатлантското интегрирање на земјата, нешто за што сме се определиле како држава уште од осамостојувањето во 1991 година или пак ќе заглавиме на слепиот балкански колосек, кој не не води никаде, е избор којшто треба да се донесе со надминување на хировите“, рече Џафери.
Во Крушево делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ ја предводеше претседателот на партијата Христијан Мицкоски. Тој истакна дека денеска претставниците на власта даваат најразлични изјави, но обвини дека тие „под маса го распродаваат македонскиот идентитет за да останат ден повеќе во фотелјите“. За да не успеат во намерата Мицкоски повика на единство.
„И денеска, македонскиот народ и граѓаните во Македонија, покажуваат пркос и знаат за што се борат, а се борат за својот идентитет, за својата држава и достоинствена иднина“, рече Мицкоски.
На Мечкин Камен присутен беше и лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
Празникот беше одбележан и во манастирот „Прохор Пчињски“, каде шефот на државата Пендаровски беше пречекан од домаќинот, српскиот претседател Александар Вучиќ, по што двајцата одржаа и билатерална средба. Од минатат годна, македонската делегација го празнува Илинден на местото каде се одржа првото заседание на АСНОМ.