Никој нема право да му се заканува со убиство на мојот претседател – Боцевски повикува да се осуди говорот на омраза на Џамбаски

Стево Пендаровски е мој претседател и никој нема право да му се заканува со убиство. И покрај сите мои политички разлики со Стево Пендаровски, кои за многу суштински прашања за државата се и повеќе од непремостливи, денеска ми е должност да застанам зад шефот на македонската држава и врховниот командант на вооружените сили на Република Македонија, реагира Ивица Боцевски.

Тој во својата реакција на Фејсбук побара македонските, бугарските и европските државни институции да ја осудат изјавата на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски во која тој му се закани на претседателот Стево Пендаровски велеќи дека „и во минатото имало личности кои се обидувале да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија“. Како пример го наведе српскиот крал Караѓорѓевиќ кој беше убиен во атентат во Марсеј во 1934 година.

„Последниот таков пример е со југословенскиот, поточно со српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Ако се обидат да ми забранат влез во Македонија нека погледнат во историјата и нека учат од неа“, рече Џамбаски.

 Во продолжение реакцијата на Боцевски: 

Advertisements
„Оваа ескалација на говорот на омраза кон Македонија која што започна со чудовишната изјава на МНР Милков за „тие црни традиции кои што се врзуваат историски за Македонија, на палење, на стрелање, на насилство врз луѓе“ денеска кулминираше со закана за убиство на македонски претседател.

Ги повикувам сите македонски, бугарски и европски државни институции да ја осудат оваа изјава, но и веднаш да реагираат сите правосудни органи. Денеска е 25 јануари 2023 година, Македонија е земја – кандидат за членство во Европската Унија, полноправен член на НАТО и земја – основач на Обединетите Нации. Мирот нема цена и мора одлучно да се стави точка на овие страотни ветришта кои што ја загрозуваат македонската државност, посебноста на македонскиот идентитет и интегритетот на македонските институции.

Воедно, ја повикувам госпоѓата Роберта Мецола, претседателот на Европскиот парламент, да реагира на заканата за атентат и убиство на македонскиот претседател, изречена од пратеник во Европскиот парламент, како и господинот Талат Џафери, претседател на македонското Собрание, да упати остро писмо до својата европска колешка.

Нека остане оваа изјава на европскиот столб на срамот, јасен знак дека европскиот фашизам повторно повампирел и како темен облак ѝ се заканува на Европа:

„Сакам да му порачам на Стево Пендаровски, наречен Стево Коминтерна, дека и во минатото имало личности кои се обидувале да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија. Последниот таков пример е со југословенскиот, поточно со српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Ако се обидат да ми забранат влез во Македонија нека погледнат во историјата и нека учат од неа“, рече Џамбаски.“