Николоски: Автопатот Гостивар – Букојчани ќе биде готов до крајот на 2029 година

Автопатот Гостивар – Букојчани се гради со силна динамика и се очекува да биде завршен до крајот на 2029 година, изјави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски при увид во изградбата на делницата.

Како што соопшти Министерството за транспорт, Николоски заедно со премиерот Христијан Мицкоски, претставници на Владата, локални власти и претставници на Амбасадата на САД извршиле увид во градежните активности на автопатот, кој е дел од западното крило на Коридор 8.

„Имаме силна динамика, државата овозможува навремена логистика и со средства и во делот на експропријацијата. Очекуваме до крајот на 2029 година да возиме по овој автопат“, изјави Николоски.

Според него, автопатот ќе ги поврзе Гостивар и Букојчани со постојните и планираните делници кон Тетово, Кичево, Охрид и Струга, со што ќе се подобри регионалната поврзаност и ќе се поттикне економскиот развој.

Министерот информираше дека експропријацијата е завршена околу 90 %, а досега се исплатени околу 470 милиони евра за реализација на проектот.

„Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, а целата логистика е обезбедена. Останува компаниите да ја завршат работата“, рече Николоски, додавајќи дека градежништвото бележи раст од 21 %, што го оцени како историски резултат.

Тој нагласи дека автопатот е важен инфраструктурен проект што треба да донесе економски бенефит, повеќе бизнис активности и зголемен број туристи во регионот.

Николоски додаде дека паралелно се работи и на автопатските делници Тетово – Гостивар и Прилеп – Битола.