Николоски откри детали од тајната комуникација на Груевски, а поранешниот лидер одговори: „Евтина приказна, звучи удбашки“

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, сподели материјали за кои тврди дека се дел од тајна комуникација меѓу поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Собранието, Талат Џафери, и уште едно лице. Притоа, Николоски покажа уесбе, за кое тврди дека е она што деновиве го спомнуваше лидерот на неговата партија, Христијан Мицкоски.

„Јас можам да споделам два детали со јавноста. Прво, се случуваа оваа година една прослава од годишнината на НАТО и потоа се случува средба кај претседателот Пендаровски каде се врвните луѓе од власта на која една од темите е ова сценарио, и се разговара за промена на името и се кажува за една слична акција за промена на Уставот успеала и оти по таа аналогија можеби треба и сега, прв го покренува тоа како прашање Али Ахмети и затоа Пендаровски беше до пола искрен кога кажа дека од него е барано, ама не кажа кој. Втора работа се измените на КЗ. Ние спомнавме дека имаме докази, еве има и уесбе на кое ги има измените и ако ги прочитате измените на КЗ и истите се доставувани од страна на поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ до Али Ахмети, Талат Џафери и трета страна. И ако ги прочитате измените за членовите 353 и 394, злоупотреба на службена должност и злосторничко здружување тоа се предлози за измени кои се исти како оние кои стигнаа во Собранието“, рече Николоски.

Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски кој преку видеоврска гостуваше во емисијата „Тешки муабети“ на порталот „Инфомакс“ одговори и на овие тврдења на Николоски:

Advertisements

„Секој за 15 минути може да направи уесбе и да рече ова е усбето што го пратил Груевски“. Секој може, да си го крсти компјутерот „Никола Груевски“ и да рече содржината од ова уесбе е од Никола Груевски. Јас можам за 15 минути да напишам писмо и да кажам ова е од Александар Николоски. На пример, ако има во октомври избори, дека Александар Николоски дал предлог дека ќе коалицираат со ДУИ и да го извадам уесбето и да кажам дека Мицкоски преку Николоски му нуди на ДУИ избори и потоа коалиција“, рече Груевски.

Наместо со вакви глупости, додаде Груевски, ВМРО-ДПМНЕ треба да се фокусира на СДСМ и на рушење на нивната влада која, според него, е зрела за паѓање уште од 2020 година.

„Не можам до ден денес да разберам зошто тргнаа во една ваква операција на еден брутателн напад кон мене. Имам некои претпоставки, меѓутоа не можам со сигурност да кажам. Прво, мислев некој да не им подметнува, да не ги лаже – не го исклучувам ни тоа. Варијанта, исто така, е дека се принудени, уценети, некоја трета страна да бара да го прават ова. Има и други варијанти, но во секој случај, прилично евтина приказна, звучи удбашки од времето на социјализмот – еве ваков доказ, таков доказ – кога нема ништо во тоа“, вели Груевски.