Николоски: Владата на СДСМ и ДУИ не ги почитува македонските црвени линии

Новата Декларација на Комисијата за надворешни работи на бугарското собрание е најдобриот доказ дека бугарските барања немаат крај, а клучниот проблем е што владата на СДСМ и ДУИ не ја почитува Декларацијата изгласана во македонскиот парламент каде се исцртуваат македонските црвени линии, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на денешната прес конференција одговорајќи на новинарско прашање.

„Прво со овој предлог на Декларација на Комисијата за надворешни работи на бугарското народно собрание уште еднаш се потврдува тезата дека барањата на Бугарија немаат крај. Тоа е најдобар демант на сите оние изјави кои што беа давани во текот на 2017-та година дека прашањата со Бугарија се затворени кога се потпиша таканаречениот Договор за пријателство и добрососедство кој што не е ниту за пријателство, ниту за добрососедство и во кој што Македонија беше понижена, особено македонскиот народ со тоа што се прифати дека македонскиот и бугарскиот народ имаат заедничка односно споделена историја. Така што овие најнови активности на бугарското Народно собрание одат токму во потврда во оваа теза дека бугарските барања немаат крај. Тоа е прво“, изјави Николоски.

Тој нагласи дека Владата во односите со Бугарија треба да ги почитува „црвените линии“ кои што беа поставени со Декларација на македонското собрание.

Advertisements

„Ништо од овие црвени линии не е испочитувано. И клучното прашање не е зошто Бугарија носи декларации, тие може какви декларации да си носат, клучното прашање е зошто тие документи кои што македонското собрание ги усвојува и се обврзни, не се почитуваат од владата на СДСМ и ДУИ“, нагласи Николоски.