Oбвинителите и судот го отфрлиле вештачењето на германските експерти за модуларната болница, што демантира Обвинителството?!

Од тонскиот запис што го објави Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), направен на едно од рочиштата од судскиот процес за трагедијата во модуларната болница во Тетово, може да се слушне дека обвинители од скопското јавно обвинителство барале Судот во Тетово да го отфрли предлогот на одбраната да биде сослушан вештакот што го изготвил германското вештање за пожарот во модуларната болница со образложени дека тоа е „беспредметно“ .

По ова судијата, Јордан Велковски го одбива предлогот на одбраната, наведувајќи дека таквиот наод  е без значење за предметот на обвинението.

ИРЛ објави и  транскрипт и тонски запис од судењето, кога адвокатите на одбраната бараат во судницата да се повика форензичарот од германската полиција кој го извршил увидот и го изготвил вештачењето доставено од македонските истражни органи.

Advertisements

Рочиштетото на кое, како што пишува ИРЛ, се дискутирало дали германското вештачење да биде прифатено како доказ се одржало на 2 март 2023 во Тетово. Тој ден во судницата како застапниците на обвинението биле двајцата обвинители од скопското обвинителство, Зорица Павловиќ и Дејан Петрески, делегирани од Јовески.

Реагираше и Јавното обвинителство кое, во своето соопштение им се заблагодарува на новинарите на ИРЛ „што ја направија достапна за пошироката јавност аудио снимката која, како што велат, „најдобро покажува дека е лажен нивниот став дека обвинителството ја прикрило експертизата од германските стручни лица, врз кој став натаму ги темелат и другите лажни информации за пожарот во модуларната болница“.

Во продолжение реакцијата на Јавното обвинителство:

„Снимката недвосмислено потврдува дека за обвинителството вештиот наод од германските криминалисти бил важен доказ кој обвинителите го предложиле и го извеле во постапката пред судот.

Во текот на главната расправа, одбраната даде предлог, покрај писменото вештачење, лично да се сослуша и вештото лице од Германија кое го изготвило писмениот наод – доказ во постапката. По тој предлог на обвинетите се произнел и јавниот обвинител.

Вештачењето на германските експерти беше изготвено по замолница од Јавното обвинителство, кое го предложи и го изведе како писмен доказ. Потврда за ова се и завршните зборови на јавниот обвинител во кои тој својот случај го темели и на ова вештачење во корелација со сите други прибавени докази во постапката.

Доколку кај новинарите на ИРЛ постои макар и најмал интерес да објават вистина за постапувањето на Јавното обвинителство во овој процес, тимот на јавни обвинители кои работеа на предметот и претходно им стоеше, а и сега им стои на располагање за разјаснување на сите правни прашања или дилеми за текот на кривичната постапка.

Во спротивно, Јавното обвинителство уште еднаш апелира итно да престане злоупотребата на овој процес за неоснована лична и институционална дискредитација. Потсетуваме дека во тек е жалбена постапка и уште еден отворен предмет кои можат да претрпат сериозна штета од неодговорно новинарско известување и од манипулацијата со сочувствата на јавноста со огромната трагедија“, се вели во реакцијата.