Обвинителството против возачот што ја уби Фросина води постапка за најтешко кривично дело – сторено е со УМИСЛА

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски денеска на прес-конференција во врска со случајот со младата Фросина Кулакова од Неготино која беше прегазена од страна на 20-годишниот Васил Јованов од Скопје, посочи дека станува збор за кривично дело сторено со умисла и против осомничениот се води постапка за најтешко кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот.

-Се преземаат сите дејствија за обезбедување докази за овој кривично правен настан. Од досегашните докази, за Обвинителството е неспорно дека станува збор за кривично дело сторено со умисла. Токму затоа, Обвинителството во овој случај против осомничениот води постапка за најтешко кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот. Истрагата е поведена за кривично дело од областа на сообраќајот, меѓутоа сторено со умисла, рече Коцевски.

Коцевски изрази уверување до јавноста и до семејството дека постапката ќе биде ефикасна и Обвинителството ќе инсистира на најстрога казна.

Advertisements

Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје на 29 јануари од 20-годишниот Васил Јованов за кого беше објавено дека возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло.