Вкупно 15 физички и седум правни лица се осомничени во истрагата под кодно име „Феникс“ која се однесува на набавка на спомениците во проектот „Скопје 2014“.
Првоосомничен е поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија, а под истрага се и поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески, поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска, двајца поранешни градоначалници на општина Центар – Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар Владимир Здравев.
Меѓу осомничените е и еден државјанин на Италија и три италијански фирми.
Обвинителството на прес конференција денеска опширно информираше за постапката која била спроведена, а докази биле обезбедени по пат на меѓународна правна помош од пет странски држави.
Во текот на вчерашниот и денешниот ден, до судија за претходна постапка поднесени се повеќе барања за претреси и барање за привремено одземање на имот заради обезбедување, замрзнување банкарски сметки и удели како и предлози за определување мерки притвор и други мерки за обезбедување присуство на осомничените.
„Во овој предмет во ОЈО ГОКК се спроведува истражна постапка против 15 физички и 7 правни лица, меѓу кои освен македонски државјани има еден државјанин на Р. Италија и 3 италијански правни лица, поради основано сомнение за сторени кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.5 од КЗ и перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од Кривичниот законик, информира Обвинителството.
За кривичното дело перење пари, обвинителот Лапе даде пример со еден споменик кој тендерски во земјава е платен 4,7 милиони евра, а во Италија каде што бил изработуван на подизведувачот му се исплатени 2,3 милиони евра.
„Врз основа на прибавените докази, произлезе основано сомнение дека од втората половина на 2007 година до крајот на 2013 година во Скопје, првоосомничениот, искористувајќи ја својата реална моќ како претседател на Влада на Република Македонија и претседател на политичка партија што тогаш била на власт, заедно со со своите блиски владини и партиски соработници – заменик претседател на Влада и министер за финансии, државен секретар во Министерство за култура, а подоцна и министер, тогашен Претседател на Советот и советник во Општина Центар, градоначалник на Општина Центар и други лица се поврзал со цел остварување политичка и финансиска корист“, рече обвинителот Љубомир Лапе на прес конференција на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал (ОЈО ГОК).
Тој објасни дека, како што рече, под превезот на историското и државотворното значење на личностите за кои се подигнуваат споменици, осомничените започнале со реализација на проект познат во јавноста како „Скопје 2014“ за кој реално не постои писмен документ, одлука, проект или програма на надлежен државен орган.
Преку Министерството за култура и третоосомничената се подготвувале и поднесувале иницијативи за изградба на споменици под изговор дека се работи за спомен обележја од локално значење за жителите на Општина Центар. Иако станувало збор за личности кои се од значење на државата, иницијативите за подигнување на споменици се поднесувале пред Советот на општина Центар и како резултат на тоа започнале и се спроведувале постапки за подигнување на меморијални споменици за кои единствено надлежно согласно закон е Собранието на Република Македонија.
Според обвинителството, со преземените дејствија, спротивно на член 11 од Законот за финансирање на ЕЛС, со владини одлуки, но без утврдена програма од Влада, преку прво и второ осомничените како овластени предлагачи на Буџетот на Република Македонија кои умислено планирале и предлагале предлог закони за донесување на Буџет на Република Македонија во кои се содржела однапред планирана неправилна распределба на средства, предлагале, донесувале и потпишувале незаконски владини одлуки со кои директно или преку Министерството за култура трансферирале средства во Општина Центар.
На овој начин, тврди Обвинителството, заобиколувајќи го Собранието, осомничените обезбедиле финансиски средства од државниот буџет со кои го финансирале извршувањето на кривичните дела и незаконски ги префрлиле на сметката на општина Центар во вкупен износ од 3.547.390.000,00 денари (57.681.138,00 евра).
Според досега прибавените докази на Обвинителството, осомничените спровеле незаконити јавни набавки за изборот на леарница.
„При изборот прифатиле понуди со нереални цени од економски оператор кој самостојно не ги исполнувал условите, ниту имал комплетни понуди, а ги отфрлале сите останати. Во овие дејствија биле помогнати од осмоосомничениот италијански државјанин, кој им ги ставил на располагање неговите правни лица, преку кои во име на повеќе правни лица поднесувал однапред договорени понуди и потпишувал договори, иако знаел дека дел од нив воопшто немаат регистрирано дејност за леење или за обработка на мермер. Подоцна, изработката на спомениците со поддоговори ја пренесувал на сосема други леарници, но за многу пониски цени и лажно прикажувал дека изработката е од неговите правни лица“, вели Обвинителството.
Со преземените дејствија, како што се тврди, осмоосомничениот како управител и сопственик и две правни лица од Р. Италија прибавиле за себе значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 16.136.150,00 евра.
Во временскиот период од втората половина на 2008 година до 2015 година, дел од осомничените во состав на група, за која постои основано сомнение дека се занимавала со перење на пари, биле поврзани во заедничко делување на домашни и странски физички и правни лица, преку кое осомничените правни лица и нивните управители, во повеќе наврати, примиле и пуштиле во оптек пари од поголема вредност, прибавени од осмоосомничениот како принос од казниво дело, бидејќи тие потекнуваат од противправната имотна корист прибавена со сторување на кривичните дела – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 3 и 1 и член 45 од Kривичниот законик, во вкупен износ од 16.136.150 евра. Со конверзија тие прикриле дека парите потекнуваат од нелегален извор и ја прикриле нивната локација, движење и сопственост.
Па така, во исто време додека се одвивале плаќањата, врз основа на склучените договори за јавни набавки за изработка на спомениците, од Општина Центар кон две осомничени правни лица управувани од осмоосомничениот, дел од „валканите“ пари во вкупен износ од 1.122.720,00 евра осмоосомничениот во бројни наврати ги подигал во готовина од осомничените правни лица.
Целата прес конеференција на јавниот обвинител во случајот „Феникс“ може да ја прочитате тука.