Пет нови авиолинии со финансиска поддршка од Владата ќе воведат германската авиокомпанија „Луфтханза“ и унгарската „Визер“.
„Луфтханза“ ќе воведе една авиолинија – од Скопје до Франкфурт, а „Визер“ четири – од Скопје до Луксембург, Штутгарт, Салцубург и до Љубљана, информираа денеска на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Тие велат дека со ова јавниот повик за субвенции за нови авиолинии е успешно завршен на 31 март.
„Авиопревозниците „Луфтханза“ и „Визер“ ќе летаат и по неколку пати дневно од нашите аеродроми. Со авиопревозникот „Луфтхаза“ преку Франкфурт, нашите граѓани ќе имаат можност да се поврзат со повеќе од 200 дестинации во повеќе земји во Европа и светот со оглед на тоа дека аеродромот во Франкфурт е еден од неколкуте најголеми аеродроми во светот“, рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција.
Согласно договорот, „Луфтханза“ ќе лета од Скопје до Франкфурт десет пати неделно почнувајќи од 23 април. Компанијата „Визер“, пак, за новите четири дестинации ќе лета три пати неделно од 1 ноември годинава.
Министерот за транспорт и врски додаде дека финансиската помош за овие компании ќе биде исплаќана во текот на оваа и наредните две години, односно до 2025 година.
Предвидени се 1,1 милион евра од буџетот за оваа година, а за тригодишната програма ќе бидат потребни 5 милиони евра, така финансиската поддршка ќе изнесува седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје.