Одлуката за зголемувањето на платите е самоубиствена за СДСМ, Владата е соучесник – Трајанов бара одговорност

Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов во „Само вистина“ на Канал 5 изјави дека одлуката на Уставниот суд за зголемување на платите на функционерите е неодговорна и мора да се реагира во законот за да се промени.

Тој вели дека има механизам, преку промена на коефициентите зголемувањето на платите да биде усогласено со растот на останатите плати и пензии. Ова зголемување со одлуката на Уставен суд не смее да биде ефектуирано, смета Трајанов.

Тој вели дека некој треба да сноси одговорност за енормното зголемување на функционерските плати откако Уставниот суд укина два члена од Законот за плати и надоместоци со кои основицата за пресметување на платите на функционерите се зголемува од 26.000 на 47.700 денари.

Advertisements

„Уставен суд донесе тешка сложена неприфатлива одлука и за тоа треба да сносат последици. Владата ја поддржа одлукaта на Уставен што значи соучествувала за носење ваква одлука и поради тоа мора да си понесе одговорност. Ова е самоубиствена позиција на СДСМ. Уставниот суд е партиска испостава на СДСМ и ДУИ, како што порано биле на ВМРО-ДПМНЕ,. Tие не носат одлука ниедна без договор со владејачките партии“, рече Трајанов во вечерашната дебата на Само вистина.

Според него следно што треба да се направи е да се намали коефициентот со кој се пресметува платата, така што зголемувањето не би било толку драстично.