Истражување спроведено во периодот февруари-март од агенцијата„Маркет вижн“ покажало дека граѓаните очекуваат приоритет на Огнената група да биде одговорноста и транспарентноста како и борбата против криминалот и корупцијата во ДУИ, јави Алсат.
Според анкетата 15,3 отсто од граѓаните бараат „отчетност, доверба, слушање на барањата на граѓаните и работа во интерес на граѓаните“. 13 отсто изјавиле дека бараат „спречување на криминалот и корупцијата, чесност, а не личен интерес“. Истиот процент од 10-13 проценти варира и за потребата од нови работни места, спречување на иселувањето, економски раст и животен стандард.
На прашањето што треба да им биде основна политичка цел ако Огнената група формира нов субјект, 45,3 отсто од граѓаните се изјасниле дека приоритет треба да се даде на борбата против криминалот и корупцијата.
Според истражувањето 23,4 отсто од граѓаните сметаат дека ДУИ го губи контактот со гласачкото тело и членството. 13,5 отсто сметаат дека влезот на АА во Владата е спас на вицепремиерот Артан Груби, додека 17,6 отсто сметаат дека влезот на Алијанса го олеснува патот кон интеграција во ЕУ.
Што се однесува до претстојните парламентарни избори, за ДУИ би гласале 25,4 отсто, за огнената група 8,4 отсто доколку се организираат во нова партија, а иста поддршка има и Движењето Беса и Алијанса за Албанците со 7,7 отсто. Алтернатива ужива само 1,3 отсто поддршка според испитаниците.