Синоќешното претепување на охриѓанецот Христијан Пендиков во кафеана во градот, во кое тројца напаѓачи му ја скршиле вилицата, наликува на дилерско-криминална пресметка, и покрај тврдењата на бугарските власти дека Пендиков бил претепан затоа што е секретар на бугарскиот клуб „Борис Трети“, пишува „СДК.мк“.
Порталот потсетува дека МВР против тепаниот Х.П. неодамна поднесе кривична пријава, откако охридската полиција на 17 декември нашла кокаин кај него.
„СВР Охрид поднесе кривична пријава против Х.П.(22) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. При преглед извршен во атарот на охридското село Лескоец, полициските службеници кај него пронашле и одзеле кокаин“, стои во соопштението на СВР Охрид.
Како што објави телевизија „Телма“ повикувајќи се на свои извори, во тепачката во охридскиот ресторан немало политика, туку долгогодишна нетрпеливост и недоразбирања меѓу учесниците во инцидентот, што им е познато на охриѓани.
Според извори на Телма, кога тројцата охриѓани влегле во ресторанот, секретарот на бугарското здружение веќе седел на маса. Тој почнал да ги навредува и да ги провоцира, а по вербалните дофрлања, дошло и до физичка пресметка.
Властите во Бугарија овој овој инцидент го нарекоа насилство од омраза против Бугарите, а бугарското МНР соопшти дека на македонската амбасадорка Агнеса Руси ќе ѝ биде врачена протестна нота.
Христијан Пендиков, наместо во болницата во Скопје ќе се лекува во болницата во Софија, соопшти Амбасадата на Бугарија во Македонија. Како што објавија бугарските медиуми, Пендиков ќе биде пренесен со бугарскиот владин авион „Фалкон“.
Според полициската верзија, лицето Х.П. било физички нападнато од С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид, по што му била укажана лекарска помош. Според пријавеното во СВР Охрид, Х.П. бил нападнат , во угостителски објект лоциран на кејот „Македонија“ во Охрид, а потоа и надвор од објектот.
Инцидентот во полиција бил пријавен околу 22 часот и 30 минути. Известен бил јавен обвинител, а СВР Охрид презема мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.