ВМРО-ДПМНЕ реагира дека во земјава се плаќа гас по цени и до 1.950 евра за 1.000 метри кубни, а просечната цена по која е набавуван од почетокот на грејната сезона е 1.560 евра.
Опозициската партија тврди на Владата и понудиле контакти со кои можеле да обезбедат гас за Македонија по поволни услови за државата, но тоа не било прифатено.
Според ВМРО-ДПМНЕ, фирмата од Швајцарија до ЕСМ испратила понуда по која 1000 нормални метри кубни метри би се наплаќале по 895 евра. Оваа цена, како што наведуваат, е фиксна и важела за период од ноември до крајот на април, за испорака на над 200 милиони кубни метри гас.
„Ова е документ од компанијата трговец со енергенси, регистрирана во Швајцарија даден до ЕСМ продажба, од кој се гледа цената на и количината која била понудена. Цената за 1000 нормални метри кубни гас која е понудена до ЕСМ е 850 евра. Оваа цена е фиксна и важела за период од ноември до крајот на април, за испорака на над 200 милиони кубни метри гас“, изјави на денешната прес-конференција Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа вели дека цената понудена од контактот даден од ВМРО-ДПМНЕ е за неколку стотина евра пониска од берзанската.
„Истата овозможува сигурност и предвидливост и за државата и за економијата и би не штитела од евентуални потреси на пазарот на енергенси во зимскиот период кога цените поучени од минатата година може да одат и над 3.000 евра за 1000 нормални метри кубни гас. Наместо да ја прифати можноста да се набави гас поефтин од берзанските цени за неколку стотина евра, владата продолжи да купува скап гас заради лични бизнис интереси“, вели Кочоска.
АД ЕСМ, пак, соопштија дека фирмата што ја предложил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за набавка на природен гас, никогаш не доставила комплетна документација и не ги приложила потребните референци задолжителни за сите понудувачи.
„Наведената фирма беше директно контактирана од одговорни лица од АД ЕСМ, беше повикувана на неколку огласи за набавка на природен гас и од наша страна се правеа обиди да се дојде до комплетна понуда која може да се разгледа согласно објавата за набавка“, се наведува во соопштението на ЕСМ.
До поднесување на комплетна понуда не дошло, тврди ЕСМ, а дополнително биле известени и дека за еден одреден период фирмата воопшто не е во можност да испорача гас.
ОД ВМРО-ДПМНЕ потоа возвратија дека позицијата која ја понудила партијата како помош за набавка на поефтин гас од берзанските цени, доставила до АД ЕСМ конкретен ЕФЕТ договор кој истите го потпишале, а потоа и Анекс 1 на договорот, во кој е прецизирана цената пресметана и во Нм3 и во мегават часови, тоа е процедура за набавка на гас според европска пракса.