Османи: Имињата на бугарските клубови ги повредуваат чувствата на Македонците

Бугарските клубови во Македонија треба да се прилагодат со законот, односно да ги сменат своите имиња, ако сакаат да продолжат да постојат, тие ги повредуваат чувствата на Македонците, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за бугарската БТВ во Софија.

„Очигледно е дека имињата што беа избрани, без разлика како историски и научно ќе ги толкуваме улогите на овие личности во историјата, чувството во поголема мера во Северна Македонија, е дека овие имиња се провокации. Ова е доволно. Не знам дали сте биле во клубот во Битола, но кога ќе влезете ве дочекува плакат со цитат на Ванчо Михајлов во кој се вели „таканаречениот македонски народ“. Тоа ги повредува чувствата на Македонците“, вели Османи.

Во однос на потребата од промена на имињата на бугарските клубови „Иван Михаилов“ и „Цар Борис III“, Османи појасни дека во Собранието е усвоен закон со кој јасно е прецизирано кои имиња се дозволени.

Advertisements

„Така вели законот. Ќе бидам доследен, јас лично имав дилеми околу ретроактивноста на одредени делови од законот. Но, одлуката на Собранието е таква што имињата не треба да се поврзуваат со периоди како што е фашистичкиот период од Втората светска војна, кои ги повредуваат чувствата на граѓаните. И клубовите ќе мора да го направат тоа“, вели министерот Османи во одговор на новинарско прашање.

Тој најави дека ќе ги повика претставниците на овие клубови на разговор во врска со таа тема.

Османи, заедно со својот бугарски колега Николај Милков, вчера во Софија го посетија нападнатиот македонски државјанин од Охрид, Христијан Пендиков. Двајцата министри повикаа на прекин на насилството и провокациите од двете страни.