Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи денеска за време на посетата на Украина оствари работна средба со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, на која, помеѓу другото, ја повика Руската Федерација да ја прекине војната во Украина и повторно да се посвети на принципите на ОБСЕ, преку дипломатски пат да се решат сите предизвици, соопштуваат од МНР.
Османи најсилно ја осуди континуираната руска агресија против Украина, потенцирајќи дека нападите врз цивилни цели немаат никакво оправдување, воедно изразувајќи и осуда за последното ракетирање во Днепар, во кое имаше и цивилни жртви и повредени деца.
„Ова не е првпат да ја посетам Украина од почетокот на агресијата. Се надевав дека агресијата ќе престане и дека страдањата ќе престанат, при мојата наредна посета на Украина во својство на претседавач со ОБСЕ. Секое повторно лично сведочење на уништени домови и уништени човечки судбини предизвикува вознемиреност. Стоејќи овде како претседавач со ОБСЕ, ја повикувам Руската Федерација да ја прекине оваа војна, да ги повлече своите трупи од Украина, да се врати на принципите и вредностите на ОБСЕ и одново да се приклони кон дипломатијата“ изјави Османи.
Османи на средбата со Кулеба најви дека фокусот и главниот приоритет на ОБСЕ годинава ќе биде Украина, притоа повикувајќи на одговорност за сите извршени злосторства.
„Канцеларијата на Високиот Комесар за човекови права на ОН документира над 18.000 жртви од почетокот на агресијата. Вистинскиот број на загинати или повредени лица е веројатно поголем. Покрај тоа, ОН (УНХЦР) евидентираше речиси осум милиони украински бегалци низ Европа. Речиси пет милиони се внатрешно раселени. Овие бројки се шокантни. Дури и да се работи само за еден изгубен живот или уништена иднина, тоа е превисока цена за плаќање. Оние кои се одговорни за изложување на невини луѓе на застрашувачки дела, мора да одговараат“ рече Османи.
Од МНР велат дека посетата на Османи на Украина е показател за посветеноста и непоколебливоста на ОБСЕ да најде начин да се врати мирот во земјата. Османи најави дека ОБСЕ ќе ги стави на располагање сите свои алатки и механизми да го постигне тоа.