Руската Федерација е еден од факторите на кои од интерес им е да се одржат живи конфликтите во овој регион, со цел полесно да може да се манифестира влијание. Па така и последната ескалација меѓу Бугарија и Северна Македонија ќе биде добредојдена за многу трети фактори, коишто ќе видат шанса тука да се одржи еден перманентен конфликт, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи за Радио Слободна Европа.
Во однос на причините за повлекувањето на амбасадорот на Бугарија и неговата поврзаност со инцидентот во Охрид, Османи оценува дека тоа е диспропорционална рекација на Софија.
„Не би можел да коментирам за причините, бидејќи освен тоа што не имаат информирано со нота и кажуваат јавно, меѓутоа доколку е поврзано со инцидентот којшто се случи во Охрид, јас тоа би го сметал за диспропорционална реакција бидејќи, тоа прво е индивидуален инцидент, за кој државата ги презеде сите можни мерки. Ги идентификуваше веднаш сторителите, еден е во притвор, имаше осуда веднаш од страна на претседател, премиер, министер за надворешни работи. Јас отидов во Софија, изразивме тоа што треба државата да го покаже кон наш државјанин и граѓани, така што навистина не гледам што би било поврзаноста меѓу едниот случај и реакција“, вели Османи.
Министерот Османи оценува дека тоа што повеќе од две години во Бугарија нема политичка влада ги отежнува односите со Македонија.
„Реално во нашата јавност имаше една реакција којашто не беше внимателна по однос, општата јавност во Република Северна Македонија, коешто еве, може единствено да се види дека ако може да се најде некоја мана во нашето однесување, меѓутоа генерално институциите реагира како што треба да реагира државата за вакви случаи. Ниту може еден таков индивидуален инцидент да се генерализира и да се извлечат заклучоци во однос на како се однесува државата кон заедниците. Навистина Република Бугарија влегува во изборен процес. Тие имаат избори на 2 април, а веќе две години нема политичка влада и тоа е навистина отежнувачки фактор, бидејќи изборите обично ги комплицираат сензитивните прашања и не даваат простор за дипломатите, да тие што треба да ја одржат комуникацијата си ја завршат работата како што треба. За жал, и кај нас има политиканство во тој дел, затоа коментирав сезоната на провокатори, насилници и политички профитери отворена и сега секој е влезен во акција, но ние мора да ставиме стоп на тој циклус на меѓусебно влошување на односите и да ја вратиме позитивната агенда. Мислам дека Северна Македонија направи досега сè што треба во однос на справување со еден инцидент што може да се случува секаде“, вели Османи.