Oсомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски, според извори на Телма блиски до истрагата е скопјанецот Љ. П. Првоосомничениот е во бегство.
Велешанецот Велибор Манев, кој е еден од осомничените за убиството на Вања Ѓорчевска, вчера беше спроведен во Кривичниот суд во Скопје. На прашање на новинарите пред Кривичниот суд во Скопје тој изјави дека не го извршил убиството.
Вчеравечер МВР и обвинителството соопштија дека го пронашле безживотното тело на 14-годишната Вања во околината на Скопје.
Девојчето, по кое полицијата трагаше седум дена, било убиено само неколку часа откако било киднапирано од пред својот дом во Скопје, во понеделникот на 27 ноември.
Според МВР, од реализираните оперативни мерки утврдено е дека Вања била земена со возило од влезот на живеалиштето, а од обезбедените информации од распитот, утврдено е дека била убиена истиот ден (27. 11. 2023) околу 10. 00 часот.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека во околината на Велес е пронајдено и телото на 74-годишниот П. Ж. кој бил пријавен за исчезнат на 24 ноември.
За двата случаи, како што информираа вечерва МВР, осомничени се пет лица, сите од македонска етничка припадност.
Според полицијата утврдено е дека мотив за убиствата е „користољубие“. Обвинителството потврди дека на распит е и таткото на девојчето.
Повеќе информации се најавуваат за утре кога е закажана прес-конференција на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и јавниот обвинител Габрил Бубевски.
Дел од медиумите вечерва, повикувајќи се на извори од истрагата, излегоа со информација дека се трага по лицето Љ. П. од Скопје, кој се смета за главен организатор и осомничен за убиството на Вања Ѓорчевска. Тој избегал од државата и во моментов се трага по него.