Осомничените Груби и Бајрами бараат да им се укине притворот, а им беше одреден поради опасност од бегство

Поранешниот вицепремиер, Артан Груби, се жали на решението за притвор. Жалбата за укинување на 30 дневниот притвор поднесена е денеска до Кривичниот суд преку адвокатот Владимир Доневски, јави Сител.

Тој остана недостапен да одговори какви против аргументи понудил Груби за укинување на притворот. Според решението на судот, мерката е одредена заради опасност од бегство и влијание врз сведоци, а притворот ќе стане ефективен веднаш штом Груби стане достапен за органите на прогонот.

Уште пред да дознае дека е осомничен за криминал тежок 8 милиони евра, поранешниот вицепремиер објави дека е заминат на Косово и планира да се врати во земјава.

Advertisements

Жалба со која се бара укинување на притворот најави и бранителот на Перпарим Бајрами. Според одбраната, тој не побегнал од земјава туку подолго време живеел и работел во странство. Адвокатот Апостолски тврди дека досега не контактирал со клиентот, полномошно да го застапува добил од семејството на Бајрами.

Груби и Бајрами од вчера се бараат со меѓународна потерница откако полицијата не успеа да ги пронајде на нивните адреси во земјава. Двајцата се осомничени за Проневера во службата. Според истрагата на обвинителството, набавиле апарати за коцкање иако двајцата знаеле дека Државната лотарија нема дозвола самостојно да приредува игри на среќа. Набавката ја иницрал Бајрами, а одлуката била донесена на седница на Влада со која раководел Груби.