ОСТАВКА по само една недела – зошто се откажа од фотелјата шефицата на скопското Вишо обвинителство?

По предлог на Државниот обвинител Коцевски, пред само една недела, на 10-ти февруари, Наташа Крстевска Цалева беше избрана за вршител на должноста на скопското Вишо јавно обвинителство. Но, според извори од обвинителството, таа вчера си поднела писмена оставка, која денес под точка разно треба да биде разгледана и констатирана од страна на Советот на јавните обвинители.

Оставката на Крстевска Цалева доаѓа по критиките во јавноста дека поставувањето на в.д. на Вишото обвинителство е спротивно на членот 25 став 3 од Законот за јавно обвинителство, каде функцијата вршител на должноста е опција само доколку на вишиот јавен обвинител му е истечен мандатот или тој е разрешен, што не е случај со доскорешниот прв човек на ова обвинителство, Мустафа Хајрулахи.

Нашиот извор од оваа институција тврди дека Крстевска Цалева го известила државниот обвинител Коцевски дека таа не е спремна и понатаму да ги трпи критиките од јавноста за овој пропуст при нејзиното именување, а особено што во овој период се очекува во собраниска процедура да влезе и владината иницијатива за разрешување на Државниот обвинител.

Advertisements

На средбата која вчера ја оствариле Коцевски се обидел, но не успеал да ја убеди колешката Крстевска Цалева да не се повлекува од позицијата в.д. во Вишото обвинителство. Седницата на Советот на јавните обвинители е во тек.
Крстевска Цалева беше избрана за в.д. на местото Мустафа Хајрулахи кој е суспендиран заради предистрага за наводен мобинг кон свои колеги обвинители. Хајрулахи пак тврди дека е жртва на притисок од страна на обвинителот Коцевски кој барал од него да го затвори предметот за високите хонорари кои незаконски ги добивале Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски и други обвинители од поранешното Специјално јавно обвинителство. И двете истраги сеуште немаат разрешница.