Заменик-претседателката на СДСМ Сања Лукаревска најави кадровско зајакнување и освежување на Социјалдемократскиот сојуз.
„Над 200 докажани професионалци, угледни и истакнати личности се веќе дел од составите на 18 партиски комисии на СДСМ. Професори, лекари, економисти, правници, инженери, експерти од дигитални технологии. Половина од нив се нови лица. Секако имаме и континуитет, на досегашни членови, симпатизери и поддржувачи но особено задоволство е што имаме и нови. Сите овие луѓе се приклучија во стручните тела на СДСМ, се ставија на располагање, да дадат придонес во развојот на социјалдемократијата, подобрување на политиките за иднината на земјата“, рече Лукаревска на прес конференција.
Според неа ова зајакнување на кадровскиот потенцијал на СДСМ доаѓа во период на неколку клучни предизвици кои се исправени пред земјата во наредниот период. Забрзување на процесот на заздравување од енергетската криза, енергетска транзиција, зголемување на економскиот раст, подобрување на стандардот на граѓаните, нов раст на платите и пензиите и чекорите за полноправно членство во Унијата.
„Додека во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се менува, СДСМ е партија којашто постојано се унапредува, се подобрува и е подготвена да се менува во интерес на доброто на сите наши граѓани.
Додека гледаме дека во ВМРО-ДПМНЕ немаат план, идеја, политика ниту став за ниту едно прашање СДСМ е државотворна партија која знае да донесе државничка одлука но и да сработи, да испорача резултат. Комисиите нема да бидат салонски, заглавени во канцеларии, туку ќе бидат на терен, со граѓаните, со стручните лица, со невладините организации, со сите. Најавувам дека од утре и во наредниот период, започнуваме со тематски трибини: Решенија што прават разлика.
Ќе зборуваме за решенијата и резултатите на СДСМ кои навистина прават разлика, за реализацијата на програмата и што тоа значи во однос на животот на граѓаните.
Ќе зборуваме и во однос на позицијата и правецот по којшто се движи земјата и секако во однос на нашиот политички противник.
Воедно, на овој начин ќе започнеме и процес на разговори за прибирање на идеи, предлози и сугестии за програмата со која СДСМ ќе настапи на изборите во 2024 година.
Првата тематска трибина ќе биде утре, за енергетиката, енергетската безбедност и зелената транзиција“, изјави Лукаревска.