МЗШВ и Љупчо Николовски наместо да се грижат за тоа каква храна јадат граѓаните, дозволуваат увоз на зеленчук со поголемо ниво на пестициди од дозволеното. Откако го урнисаа македонското земјоделство и го направија увозно зависно, почнаа да увезуваат отровен зеленчук од соседството, изјави на прес конференција Цветан Трипуновски, претседателот на Комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ.
„До мене стигнаа документи од анализи на Државната фитосанитарна лабораторија при увоз на зеленчук во Македонија од Албанија, од кои се гледа присуство на пестициди повеќе од дозволеното. Ова се документи од МЗШВ, од државната фитосанитарна лабораторија, со документ и печат на институцијата заведени со број 10802-409/2 и 10802-372/2, од кои јасно се гледа дека Државната фитосанитарна лабораторија направила анализа на увезена крставица и домат за утврдување на присуство на пестициди. Наодот од анализата утврдува присуство на пестициди над дозволената граница. ЈО мора веднаш да реагира. Немаме време за комисии, работни тела и инспекции, потребни се итни мерки, брзи истраги и одговорност, рече Трипуновски.
Овој штетен зеленчук, додаде Трипуновски, може да завршил на пазарите во Скопје, Тетово, Кавадарци, Гостивар, Штип, Велес, буквално низ целата територија на Република Македонија.