Повеќе од 250 албански интелектуалци, универзитетски професори денеска потпишаа отворено писмо упатено до Уставниот суд, во кое бараат Судот да не ја укинува службената употреба на албанскиот јазик.
Меѓу потписниците се и ректорите на три универзитети на албански јазик: проф. Др. Абдулменаф Беџети – УЈИЕ, проф. Др. Јусуф Зејнели – Универзитет во Тетово, проф. Др. Изет Зеќири – Универзитет Мајка Тереза. Исто така, меѓу потписниците има познати професори и актуелни декани на повеќе факултети, меѓу нив познатиот лингвист проф. Др. Агим Винца и професорите: Агни Дика, Нури Беџети, Абдула Алиу, Аслан Билали, Сафет Емрули, Ќебир Авзиу, Јетон Шасивари, Фатмире Лумани, Мерсим Максути, Арта Билали, Фадил Зендели, Башким Зибери, Муамет Шехаби, Кенан Ферати, Етем Исени, Ружди Матоши, Фати Исеини.
„Со оглед на уставната позиција и улогата што вие ја имате како претставници на највисоката правна институција, која според Уставот е независна и без политички влијанија, продолжуваме да се надеваме дека нема да дозволите остварување на вакви сценарија, кои ги повредуваат чувствата на секој албански државјанин. Ваквата постапка би ја поткопала довербата на граѓаните, особено на Албанците, во функционирањето на институцијата што ја застапувате и од која се очекува да носи одлуки самостојно, според сопствени убедувања, врз основа на Уставот и законите, а не според политички влијанијe, од било која страна да доаѓале тие“, се вели во писмото.
Професорите во отвореното писмо потсетуваат и на трагичните настани од 1997 година во Гостивар:
„Го потсетуваме широкото јавно мислење и вас, почитувани судии, дека досегашната работа на Уставниот суд предизвикувала тензии и незадоволство, секогаш кога тој донесувал еднострани и самоволни одлуки, кои довеле до сериозни последици врз меѓуетничките односи и ги нарушувале националната права на Албанците за еднаквост и правда, реализирани на институционален начин.
Доволно е да се потсетиме на пресудите на Уставниот суд од 1997 година, кои доведоа до насилна државна интервенција во општините предводени од легитимно избраните албански градоначалници. Тоа доведе до трагичните настани во Гостивар, каде имаше и човечки жртви.
Вашата совест и вашиот професионализам не треба да дозволуваат да вашите одлуки бидат поттикнувачи на незадоволство или повторување на последици и пресуди со политички мотиви, како оние што ги споменавме погоре. Не треба да се заборави и пресудата од 2007 година, која доведе до оставка на претседателот и еден од албанските членови на Уставниот суд“, се вели во писмото во кое на крајот професорите по порачуваат на Уставниот суд да не дозволи загрозувањето на уставните вредности и „ќе покаже доволна чувствителност кон веќе стекнатиот статус на јазикот на втората етничка заедница во државата, албанскиот јазик.“