Панделевски: Немам направено никаков криминал, за што да се спогодувам како Мијалков и Камчев

Очекувам дека Основниот кривичен суд ќе го прифати приговорот на мојот адвокатски тим и очекувам да бидам прогласен за невин. Мојата единствена спогодба е мојата чест, вели бизнисменот Цветан Панделевски во своето јавно обраќање. 

Тој e еден од обвинетите во случајот „Империја“ и сопственик на компанијата „Пелистерка“.

Неговото обраќање го пренесуваме интегрално:

Advertisements

„Изминатава година речиси секој ден добивам прашања од блиски пријатели, но и од луѓе кои не ме познаваат. Сите тие ме прашуваат: Добро Цветан, другите двајца Мијалков и Камчев се спогодија со обвинителката Лиле Стефанова си платија, признаа вина и завршија со обвинителниот акт. Зошто ти не го направиш тоа?

Одговорот ќе го дадам пред целата јавност.

Затоа што сум невин, немам направено никаков криминал. За што да се спогодувам.

Нема да навлегувам во туѓи аргументи, нема да обвинувам други обвинети. Но, бараме јасен одговор од обвинителката Лиле Стефанова. За кое дело од обвинителниот акт сега ќе ме гоните мене? Што сум направил кога вие со спогодбитe што ги постигнавте покривте 80% од побарувањата од вашето обвинение. Овде вие самите сте потпишале спогодба со која сте се договориле. Не разбирам што сум сторил ?

Со цел да останам достоен на мојот збор и да ги изнесам аргументите без да има потреба повторно јавно да се изјаснувам ги упатувам следниве прашања на адреса на обвинителката Лиле Стефанова.

1. Обвинувате за злоупотреба на службена положба и измама и во истиот обвинителен акт сами кажувате дека ‘тие активности не се случиле’.

2. И, не само што според вас не се случиле, туку и според потенцијално оштетениот во предметот имате изјава во која ‘измамената’ Кираца Трајковска самата за мене кажува дека никогаш во нејзиниот живот ниту се видела, ни разговарала со мене.

3. Понатаму врз основа на овие две според вас кривични дела кои пак според вас сум ги сторил, ама не се случиле, ме товарите за трето кривично дело – перење пари. Кои пари сум ги перел кога за претходните кривични дела сами укажувате дека не се случиле.

4. Да заклучам, констатирате самите, ги имате сите изјави од кои е јасно дека за ниту едно кривично дело за кое сум обвинет нема штетно дејство.

5. Во сите делови на обвинителниот акт каде ме посочувате мене немате опис на какво било штетно дејство сторено од моја страна.

6. Наместо заклучок – делата за кои ме обвинувате не се кривични дела, отсуствува опис на противправно дејство.

Исто така сакам да ги посочам и следниве процесни недоследности.

1. Обвинението е поднесено без да се спроведе истрага од надлежен обвинител, односно истрагата е спроведена по наредба на неовластено обвинителство. За појаснување на јавноста, наредбата за истрага е донесена на ден 18.11.2018 година, а надлежноста за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите беше 18 месеци од денот на преземањето на предметите. Тој рок истече на 30.06.2017 година. Во таа насока има и начелно правно мислење на Врховниот суд на РСМ од 30.01.2019 година;

2. Недозволиво е изведување на докази прибавени неовластено – доказите од обвинителката Лиле Стефанова се добиени со кршење на правото на одбрана и правото на правично судење, бидејќи сите истражни дејства се преземени без мое учество и учество на моите бранители;

3. Пречекорени се сите законски рокови во кои требало да се покрене обвинение – максимален период на траење на една најсложена истрага е 21 месец, во случајов максимално требало да заврши на 8 август 2020 година. После тоа ако не е завршена или треба да запре или треба да се поднесе обвинение. Ниту едното, ниту другото не беше направено, туку продолжи да презема наводни истражни дејства и да „ме присилува“ на спогодба по истекот на сите рокови;

4. Обвинението е поднесено после 8 месеци од преклузивниот предвиден рок. Ваков парадокс немало во македонското судство.

5. Изведено е вештачење на Економски факултет од лица кои немаат лиценца за судски вештак – двајца профсори од Правниот факултет учествувале во негово изготвување, а немале лиценци. Дополнително, од кога тоа во македонското правосудство се воспоставува пракса правници да учествуваат во економско вештачење и да даваат свои ставови за правни прашања, за кои само судот може да одлучува?

6. И после известувањето за завршена истрага на 26 април 2022 година, преземени се истражни дејства од обвинителката и тие докази се составен дел на листата на докази која сте ја доставиле до судот. Апсолутно незаконско постапување!

Целиот живот допринесувам во економско општествениот живот во Македонија, сѐ што сме заработиле сме инвестирале повторно дома, до овој момент никогаш не сум се соочил со какви било обвиненија кон мене, ниту пак не дај боже судски процеси.

Моите години ми даваат за право да го бранам мојот став и немање вина, јас не можам да правам спогодби кога знам дека сум невин, дека конструкцијата во обвинителниот акт на обвинителството е целосно неоснована во правен смисла, и убеден сум дека судот истата ќе ја препознае.

Врз основа на тоа, идните обвинители ќе имаат можност да учат како не треба да работаат. За мене правдата, значи и слобода, а слободата е право дадено од Господ. Со никакво дејство на кој било, не може да се одземе неосновано.

Алберт Ками кажал: ‘Ако човекот не успее да ги помири правдата и слободата, тој не успева во сè.’

Очекувам дека Основниот кривичен суд ќе го прифати приговорот на мојот адвокатски тим. Очекувам да бидам прогласен за невин. Мојата единствена спогодба е мојата чест“, вели Панделевски во своето јавно обраќање.