Партијата на Максим Димитриевски, градоначалникот на Куманово поднесе кривична пријава против Оливер Спасовски и МВР поради хаосот со личните документи на граѓаните.
„Партијата Движење ЗНАМ-ЗА НАША МАКЕДОНИЈА во консултации со граѓаните ширум Републиката како и со своето членство и поддржувачите, одлучи да поднесе кривична пријава против лицето Оливер Спасовски од Куманово и против Министерството за внатрешни работи на Република Сверена Македонија. Кривичната пријава се поднесува затоа што во периодот од 12.02.2019 година некаде до средината на 2021 година пријавените вршеле набавка на стари обрасци за издавање на официјални лични документи на граѓаните на Република Северна Македонија со тогаш веќе неуставното име на државата, со што овозможиле изработка и издавање на официјални лични документи со важност подолга од 12.02.2024 година, иако знаеле дека важноста на истите е до 12.02.2024 година“, се вели во партиското соопштение.
Во истиот период, се вели во известуњето, издавале и официјални лични документи на граѓаните на Република Северна Македонија на обрасци со поранешното име на државата, односно користеле обрасци кои што не требало да се користат.
„Понатаму не ги преземале сите дејствија кои што требало да бидат превземени за навремена набавка на соодветни обрасци за издавање на лични документи со уставното име на државата, односно доцнеле со набавката на соодветни обрасци и пропуштиле да превзмат соодветни дејствија со цел навремено известување на граѓаните на Република Северна Македонија дека рокот на важност на официјалните лични документи издадени на старите обрасци истекува на 12.02.2024 година. Со овие дејствија постои основано сомневање дека пријавените ги сториле кривичните дела „злоупотреба на службената положба и овластување” по член 353 став 1 од Кривичниот законик и „несовесно работење во службата” по член 353-в од Кривичниот законик. Политичката партија Движење ЗНАМ-ЗА НАША МАКЕДОНИЈА како општествено одговорна партија и сега и во иднина ќе ги брани интересите на македонските граѓани и силно ќе се бори против кршењето на законите, неправдата и корупцијата“, се вели во информацијата од Движењето ЗНАМ за наша Македонија.