Партиски војници на ДУИ ќе стражарат пред Уставен суд

Пред Уставниот суд попладнево се собраа активисти на опозициската Демократска унија за интеграција, кои, како што најави партискиот функционер Арбер Адеми, ќе останат таму до 11 декември кога треба да се одржи седница за Законот за употреба на јазиците.

Адеми рече дека со иницијативата „Стража на јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд застануваат во „одбрана на Законот за јазици“.

– Собрани сме тука за да го подигнеме нашиот глас за прашања што ги засега темелите на еднаквоста на нашата  мултиетничка држава. Ова не е обичен ден, ниту обичен повик. Денес повеќе од кога било е моментот да останеме обединети за да го заштитиме тоа што сме го добиле со многу труд и жртвување. На 11 декември Уставниот суд има закажано седница за разгледување на уставноста на Законот за јазици кој не е само правен акт туку е симбол на Охридскиот договор и во него е втемелена јазичната еднаквост, изјави Адеми.

Advertisements

Според него, укинувањето на Законот ќе значи „уривање на еден од клучните столбови на Охридскиот договор, а владејачката коалиција без легимитет наместо да се работи за заедничка иднина, разединува и напаѓа“.

– Ова не е прашање на обичен закон, туку е прашање за нашите права како рамноправни граѓани, нашиот идентитет и иднина како општество, нашата иднина. Охридскиот мировен договор е нашата гаранција за праведно и еднакво општество. Од денес ќе останеме тука пред Уставниот суд ден и ноќ, на мирен начин да ти заштитиме нашите права и да осигураме дека нема ниту една одлука да го уништи она што го изградивме со жртвување. Ова не е иницијатива на една политичка партија, нагласи Адеми.

Тој ги повика граѓаните од сите етнички заедници да се приклучат во иницијативата.

– Ги повикуваме сите Македонци, Албанци, Турци и сите останати заедници, сите оние кои веруваат во правда и правичност, да ни се приклучат кон оваа иницијатива. Ова не е момент за пасивност, туку момент за заедничко делување. Сега е моментот да го заштитиме јазикот, иднината и нашите заеднички еднакви права, наведе Адеми.

Уставниот суд, рече, има станато „параполитичка институција“ која реализира програма на владеачкото мнозинство, кое пак, како што рече, на софистициран начин прави обид да го промени карактерот на државата, од мултиетничка да стане моноетничка држава.