Пендаровски ги следи критиките во јавноста, нема да ги потпише законските измени за Бехтел и Енка ако повредуваат права на граѓаните

Претседателот Стево Пендаровски ги следи критиките во јавноста поради спорните измени на деветте закони, без кои не можат да се градат автопатиштата од конзорциумот „Бехтел и Енка“. Според Пендаровски, ако законите повредуваат права на граѓаните – тие нема да се потпишат од него и да се објават во Службен весник.

„Треба да видиме, денеска почнува процедурата за девет закони. Меѓутоа не можеме да знаеме однапред, во каква конечна верзија ќе бидат тие законски проекти. Затоа што можат да бидат изменети со амандмани. Да ја почекаме дебатата, да ја видиме конечната содржина на тие закони. Мојот тим правници се ангажирани за следење на дебатата. Во однос на процедурата, иако одат по скратена постапка не се со европско знаменце и ќе има доволно време за и опозицијата да поднесе амандмани и да се вклучи во дебатата. Ќе имаме аргументирана расправа. Конечната верзија кога ќе ја видиме, ќе знаеме каков ќе биде ставот за потпишување на указ“, рече Пендаровски.