Пендаровски: Јасно е дека нема две третини за уставни измени, ВМРО-ДПМНЕ нема да може да ја смени преговарачката рамка

Јасно е дека нема две третини од пратениците кои во овој момент ќе гласаат за уставни измени, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ без аргументи го кочи процесот, грижејќи се единствено за партискиот интерес, вели претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју за „Слободен печат“.

Пендаровски додава дека и на политичките лаици им е јасно дека и да дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт, нема да може да ја смени преговарачката рамка бидејќи повторно ќе треба согласност од Бугарија.

„Јас не велам дека не се разговара со пратеници, но од она што го гледам од средствата за јавно информирање, не можам да видам дека таму се менува расположението макар и кај еден пратеник, за да можам да тврдам дека ќе има уставни измени. Велам треба да има, императив е да има, затоа што ако нема, ние практично остануваме во една посебна подгрупа со Босна и со Косово. И ако до 1 декември не го смениме Уставот, можно е Албанија и Црна Гора да тргнат забрзано кон Европа, а ние сами себе да се блокираме“, вели Пендаровски.

Advertisements

За Пендаровски не се јасни аргументите на опозицијата зошто е против уставните измени, а таков впечаток вели дека имаат и странците кои изминативе денови беа во посета на земјава на средби со претставници и од власта и од опозицијата.

„Во тој дел немаат слушнато валиден аргумент досега зошто се против. Ги кажуваат ставовите што македонската јавност ги знае, прво велат дека овој парламентарен состав нема мандат бидејќи во 2020 година на граѓаните не им кажал дека ќе има промена на Уставот и внесување на Бугарите. Вториот аргумент е дека не сакаме под бугарски диктат да влеземе во Европа. Свесно занемарувајќи, бајпасирајќи го фактот дека не станува збор за бугарски диктат, туку се работи за Преговарачка рамка за која се согласија 26 земји членки. Би било чесно да кажат, под европски диктат не сакаме да влеземе во Европа. Тоа се „аргументите“ што странците не можат да ги разберат, исто како и јас и дел од граѓаните“, додава претседателот Пендаровски.