Пендаровски: Софија да се извини за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка

Извинување од Софија за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка, за време на Втората светска војна, побара претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање одбележувањето на 80-годишнината од холокаустот на македонските Евреи.

„И во хебрејскиот и во македонскиот јазик изворното значење на зборот правда, упатува на она што одговара на вистината. Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи“, рече Пендаровски.

Тој посочи дека во судбината на македонските Евреи, кои беа дела од шесте милиони кои настрадаа, може да се препознаат сите етапи на Холокаустот.

Advertisements

„Првиот чекор бил дискриминацијата. Фашистичкиот режим во тоа време во Софија го донел Законот за заштита на нацијата со кој македонските Евреи биле систематски дискриминирани. Лишени од државјанство и правна заштита, Евреите биле отпуштани од јавните служби, децата исфрлани од училиштата, семејствата протерувани од нивните домови. Вториот чекор бил изолација. По наредба на Комесаријатот за еврејски прашања, Евреите морале во јавност да ја носат жолтата давидова ѕвезда. На тој начин, вековниот симбол на еврејскиот идентитет беше злоупотребен за да ги стигматизира Евреите како различни, туѓи и опасни. Третиот чекор бил дехуманизацијата “, истакна Пендаровски.

Речиси сите Евреи од Скопје, Битола и Штип, посочи Пендаровски, од скопскиот Монопол биле депортирани во Треблинка каде што во гасни комори згаснаа животите на близу еден милион лица, меѓу нив и на македонските Евреи кои претставуваа 98 проценти од севкупната македонска еврејска популација и третина од вкупните македонски жртви во Втората светска војна.

„Соочени со овие факти, обврзани сме да ги поставиме следниве прашања: дали ние, денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу Холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците? Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт“, праша Пендаровски.

Пендаровски истакна дека ова е критично време кога бројот на преживеани сведоци на Холокаусот се намалува, а антисемитизмот се зголемува.

„Нашите институции се должни да ги спроведат обврските што како држава ги имаме преземено на меѓународниот форум за Холокаустот во Малме.А тоа е преку наставната програма и задолжителната посета на Меморијалниот центар на Холокаустот да ги едуцираме учениците за вистината за овој геноцид и да ги заштитиме од опасниот вирус на антисемитизмот. Добитникот на Нобеловата награда за мир, Ели Визел, наречен совеста на светот, во една прилика рече: „Ако нешто може да го спаси човештвото, само меморијата може. За мене, надеж без меморија е налик на меморија без надеж“. Затоа, наша морална обврска е да се сеќаваме и да не забораваме, за да не дозволиме, никогаш повеќе силите на злото да добијат шанса да го повторат злосторството“, порача претседателот Пендаровски.

Претседателот Пендаровски ја предводеше Поворката на живите од старата железничка станица до тутунскиот комбинат, во спомен на македонските Евреи депортирани во нацистичкиот логор Треблинка.