Петковски за срамната одлука на пратениците да не работат во најтешките моменти за Македонија: „Собранието веднаш да се самораспушти“

Најдобро е Собранието да се самораспушти зашто во најтешките моменти пратениците ги напуштија граѓаните, вели Тито Петковски, поранешен претседател на македонското Собрание, а во врска со одлуката на пратениците да не работат две недели по трагедијата во Кочани.

Петковски во изјава за „Слободен печат“ вели дека ако тој сега би бил претседател на Собранието би закажал најмалку две комисии на кои пратениците би расправале зошто се случи трагедијата во Кочани, каде погрешивме и да се понудат можни решенија.

Пратениците признаваат дека ако се состанат, ќе се караат и со тоа покажуваат неспособност, покажуваат дури и примитивизам. Тоа е невиден автогол, самопризнание дека не се способни меѓусебе да комуницираат, вели Петковски за „Слободен печат“.

„Непријатно сум изненаден од тоа што се случува во Собранието, малку и револтиран бидејќи Собранието според Уставот е централната институција на нашиот политички ситем. Таму се одвиваат сите политички битки, се нудат програми, проекти и различни мислења за дадена ситуација. Собранието е во постојано заседание, а тоа не значи дека е во постојано неработење, односно тоа значи дека постојано треба да е ангажирано. Пратениците земаат плата и единствена работа им е да присуствуваат на седници и на комисиии и да нудат решенија, закони и одлуки во интерес на граѓаните. Во овој случај Собранието ги напушти граѓаните, не е претставник на граѓаните. Граѓаните не мислат дека Собранието не треба да работи“, вели Петковски.

Ако сакаме да се ресетира системот, според Петковски, треба партиите да се согласат дека клучен во моментов е изборниот модел кој рефлектира ваква состојба во општеството, кусогледост и неодговорност на партиите зашто пратениците коишто сега ги избираат раководствата на партиите не ги претставуваат граѓаните туку партиите, а исходот е да се заштити партијата.

„Собранието треба веднаш да се распушти ако има одговорни луѓе во државата. Интелектуалци, млади, бизнисмени, невладини треба да извршат притисок зашто ова ни кажува дека Собранието не е народно Собрание, туку се случајни луѓе кои се нашле на списокот на лидерите на партиите и во Собранието ги претставуваат партиите, не граѓаните. Ако јас имам можност да одлучувам во моментов, сметам дека на Македонија ѝ одговара распуштање на Собранието и формирање техничка влада која ќе го смени изборниот модел и да се оди на избори со луѓе кои ќе имаат кредибилитет и поддршка“, вели Петковски.

Тој додава дека младите постојано праќаат пораки дека работите треба да се менуваат и тоа брзо, бараат ресетирање на системот, бараат начин како да се бориме против криминал, корупција, злоупотреба на функции, а Собранието решило да не работи.

„Недозволиво е такво индеферентно и неодговорно однесување на Собранието и не можам да разберам дека сите пратенички групи се согласиле да не работат, освен Левица која поставила услов. На власта ѝ одговара да не се бранува во државата после една ваква катастрофа и трагедија што го снајде не само Кочани туку целата држава. Собранието мора да нуди решение како да се излезе од оваа ситуација. Тоа е трагично признание за неспособноста и нефункционалноста на Собранието. Тоа е само легитимација на пратениците дека не се способни како одговорни луѓе и претставници на граѓаните да седнат и да водат одговорна битка како да се излезе од оваа ситуација. Тие признаваат дека ако се состанат, ќе се караат и со тоа покажуваат неспосбност, покажуваат дури и примитивизам. Тоа е невиден автогол, самопризнание дека не се способни меѓусебе да комуницираат“, вели Петковски.