Платите и пензиите ја изгубија трката со цените, тоа што можеше да се купи со 1.000 денари денес не може ни со 2.000 – реакција на ВМРО-ДПМНЕ

Македонија се соочува со највисока инфлација во регионот и една од највисоките во Европа. Во светот сме меѓу првите земји по раст на цените за храна. Тоа значи дека нашите граѓани најбрзо и најмногу осиромашуваат во споредба со другите, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ по денешната прес конференција на СДСМ во која владејачката партија најави раст на пензиите и платите и економски подобра година од ланската.

„Според прес конференцијата на Кузеска се добива впечаток дека СДС уште ги држи прославата од Нова Година. Стандардот на граѓаните поради лошите политики на СДС е паднат на најниско ниво. Платите и пензиите ја изгубија трката со цените. Тоа што можело да се купи со илјада денари, денес не може да се купи со две илјади“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициската партија вели дека според странските инвестиции сме на дното во регионот, односно и Косово и Албанија и Србија имаат двојно, па и тројно повеќе странски инвеститори од нас.

Advertisements

„Иста е сликата и во домашната економија. Според извештајот на Светска Банка, Македонија ќе ја заврши 2022 година со раст на БДП кој е најлош во регионот и еден од најлошите во Европа, односно од нас полошо ќе поминат само Русија и Украина кои се во војна. Поради НЕуспешните економски политика огромен број од младите сакаат да ја напуштат Македонија. Ете тоа е резултатот на власта на СДС и ДУИ. Тоа мора да престане. Власта мора да се промени“, се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.