Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ во својата денешна реакција околу предложените измени и дополнувања на Законот за земјоделско земјиште бара нивно итно повлекување затоа што се предвидува пренамена на плодни земјоделски површини во градежни земјишта за развој на обновливи извори на енергија.
„Во време кога светот се соочува со климатска криза која го отежнува производството на храна, бараме да се преиспита потребата од законски измени со кои се овозможува трајна пренамена на земјоделските земјишта во градежни земјишта за развој на обновливи извори на енергија“, велат од „Еко свест“.
Според оваа невладина еколошка организација предложените измени на Законот се спротивни на актуелните политики за земјоделство и рурален развој на државата, како и на политиките за климатска акција усвоени во последните три години.
„Нашата загриженост е дека поради предложената можност за трајна пренамена на најплодното земјоделско земјиште за хидроцентрали, термоцентрали, нуклеарни, ветерни и сончеви електрани, електрани на биогориво и за површински соларни и фотоволтаични електрани ќе се ограничи намената на локации со плодна почва за обезбедување храна за населението. Недозволиво е поради заштитата на интересите на приватни инвеститори да се нанесува огромна штета на државата, граѓаните и земјоделците. Нашата земја има ограничени површини на плодно земјоделско земјиште. Најголем дел се пасишта, кои со предложените измени ќе можат да бидат пренаменети во централи за обновливи извори на енергија“, велат од „Еко-свест“.
Тие посочуваат дека веќе се подготвени повеќе научни студии кои покажуваат дека има многу локации за развој на нови енергетски проекти во области кои ги избегнуваат земјоделските и други квалитетни природни површини и немаат влијание врз животот на локалните заедници. Такви локации се деградирани земјишта од напуштени рудници, индустрии, одлагалишта на јаловина и стари депонии.
„Нашата земја има ограничени површини на плодно земјоделско земјиште претежно лоцирано во котлините како ливади, ораници, бавчи, овоштарници и лозја кои се основа за земјоделското производство. Најголем дел од земјоделската површина се пасиштата кои со предложените измени ќе можат да бидат пренаменети во нови енергетски централи за ОИЕ. При непланска изградба на енергетски градби кои користат обновливи извори на енергија се забрзува константното намалување на плодните земјоделски површини, што значи ризик врз производството на храна, зголемен увоз на овошје и зеленчук со непознато потекло и следствено, поголеми трошоци за населението“, велат еколозите.
„Еко-свест“ во соработка со МАНУ подготви Студија за детектирање на најдобрите локации за изградба на соларни и ветерни централи и мапа на одржливи локации за развој на обновливи извори на енергија, насочени првенствено кон некорисно и загадено земјиште во земјата“, велат еколозите во својата реакција.
Фото: „Еко свест“