Почнува петгодишниот претседателски мандат на Гордана Силјановска-Давкова – огромната поддршка од граѓаните е убав подарок, но и огромна обврска

Гордана Силјановска-Давкова ја презеде функцијата претседател на државата од Стево Пендаровски во Кабинетот на претседателот на официјална церемонија со највисоки државни и воени почести.

Од денеска почнува петгодишниот претседателски мандат на Силјановска-Давкова, која е шести претседател и прва претседателка од осамостојувањето на државата.

На претседателските избори кои се одржаа на 24 април и 8 мај, таа извојува убедлива подеба со освоени 561 000 гласови.

Advertisements

„Ќе го почитувам овој парламент, ќе ги заборавам лошите моменти, ќе ги паметам само добрите. Ќе бидам претседателка и на левата и на десната страна, на сите граѓани, нема да правам разлика меѓу нив, ниту по етничка, по верска, по полова, ниту по која било друга основа. Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови“, рече Силјановска-Давкова на инаугурацијата во Собранието.

Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови кои не се само убав подарок за мојот роденден, туку се и најголемата обврска што сум ја имала во животот. Ќе сторам се за да ја оправдам, истакна Силјановска-Давкова.

Таа својот говор им го посвети на жените заради кои се нафатила да се кандидира затоа што сака да ги инспирира жените, како што рече, „оние кои на Балканот често не се претседателки на држави“.

Порача дека е време за единството „кое може да значи и женска филозофија, женска автентичност, бидејќи ние умееме да се грижиме не само за себе, туку пред се за сите останати“.

Вели дека е среќна е што деновиве првите честитки ги добила од жени – од претседателката на Словенија, од Дорис Пак, од колешките од Венецијанската комисија и од жени на универзитети на сите континенти, а на роденденот била со амбасадорката на САД. Среќна е, исто така, и што ќе инспирира други жени, порачувајќи: „Ако можам јас да бидам претседателката, можете да бидете и вие“.

-На Западен Балкан и на Балканот се уште е жив патријархатот. Затоа јас мислам дека силните жени на поинаков начин можат да ги решаваат проблемите меѓу сите, и меѓу мажите и жените, и меѓу нациите и меѓу државите. Цврсто верувам во тоа. Дека сум во право покажува и следново – оваа држава не ја бранеле или не ја имаме само благодарение на комитите, туку и на комитките, како Сирма Војовотката. Оваа земја ја немаме само заради партизаните, туку и заради партизанките. Од Вера Циривири, Вера Јоциќ, Ибе Палиќука, истакна претседателката.

Како што рече, многу храбри и многу умни жени видела во овој Парламент, но се чудела зошто немаме жена премиер, претседателка на Собрание и претседателка на државата.

-И, еве, се случи и тоа. Јас ќе го пробивам патот ама овде и од десно, среде, и од лево, јас гледам многу умни, многу посветени, жени кои ќе ги носам не само во умот, туку и во срцето. Политиката најчесто беше не уметност на можното, туку беше кој, кога, и како добива. Нас не немаше на врвните функции. Ние можеме да ја развиваме политиката како уметност на неможното, не само на можното. Многу убаво звучи кога ќе чуете дека зад успешните политичари или мажи, стојат прекрасни жени. Еве, јас ја користам приликата да кажам дека зад успешни жени, стојат прекрасни мажи, како мојот сопруг, рече Силјановска Давкова.

По обраќањето во Собранието, новата претседателка се упати во „Вила Водно“, каде беше пречекана со највисоки воени и државни почести и каде што се сучи примопредавање на функцијата со досегашниот претседател Стево Пендаровски.