САД ќе продолжат да поддржуваат влади, партнери од граѓанското општество, независни медиуми и граѓани во борбата против организираниот криминал и искоренување на корупцијата, велат од прес-службата на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски како одговор на прашањето на редакцијата дали САД се една од петте држави што обезбедиле меѓународна правна помош за прибавување докази во истрагата за „Скопје 2014“.
„Борбата против корупцијата во Западен Балкан е главен приоритет на администрацијата на Бајден. САД ќе продолжат да поддржуваат влади, партнери од граѓанското општество, независни медиуми и граѓани во борбата против организираниот криминал, искоренувањето на корупцијата, зголемувањето на транспарентноста, спроведувањето на одговорноста и дополнително зајакнување на владеењето на правото и демократските институции“, изјави портпарол на Стејт департментот.
Во изјавата стои дека „ лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи резултати во борбата против корупцијата, преку зајакнување на институционалната независност и ограничување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата“.
Основното јавно обвинителство спроведува истражна постапка против 15 физички и 7 правни лица за злоупотреба на службена положба и перење пари за 11 споменици, при што наводно биле испрани над 16 милиони евра буџетски пари.