Здружението на новинарите на Македонија реагира за инцидентот во кој новинарка била принудена да избрише снимка за време на протестите на приватните превозници под присила на униформиран полицаец.
Според сведочењето на новинарката Фазиле Халили од тв21, таа со својот мобилен телефон снимала дел од протестот каде полицајците влечеле една жена. Во тој момент еден од полицајците во униформа и пришол и ѝ рекол дека не смее да прави видео запис. Со заканувачки тон и рекол веднаш да ја избрише снимката.
„Бриши ги снимките бидејќи немаш право да снимаш” рекол полицаецот, на што колешката му рекла дека е новинарка и дека не само што има право туку е и нејзина должност да ја информира јавноста. Но, полицаецот и рекол веднаш, тука пред него, да ја избрише снимката од сите албуми во телефонот, сакајќи да биде сигурен дека нема траги на ништо што е снимено.
„Вршење притисок за бришење на видео и фото материјали од страна на полицијата преставува директно прекршување на членот 16 од Уставот со кој се забранува цензурата и се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Со ваквото однесување полицијата ги спречува новинарите да известуваат за настанот и се става во улога на цензор кој решава што смее а што не смее да види македонската јавност, соопштуваат од ЗНМ.
Тие додаваат дека протестите секогаш се настани од јавен интерес и јавноста има право да знае што се случува за време на протестите, дали има повредени, дали има уништување на јавен и приватен имот, но и дали евентуално полицијата ги пречекорила овластувањата и употребила прекумерна сила.
Од ЗНМ очекуваат разрешница на случајот, а инцидентот ќе биде пријавен во внатрешна контрола на МВР.