МВР синоќа информира дека во полициска станица се четири лица инволвирани во нападот врз вработени во М-НАВ, кој беше пријавен околу 15.15 часот вчера и со нив се вршат службени разговори, по што во координација со ОЈО ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Исто така, вели МВР, се преземаат мерки за пронаоѓање на уште четири лица.
„Ја известуваме јавноста и дека МВР во наредниот период континуирано ќе ја обезбедува зградата на МНАВ“, информира полицијата.
Како што објавивме претходно, инцидентот го обелодени на социјалните мрежи претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, кој на својот фејсбук профил соопшти дека во објектот на контрола на летање дошле неколку возила од кое излегле неколку лица кои влегле во објектот и предизвикале караница и нападнале вработени во контролата на летање.
Нападот се случи по денешната прес-конференција на Тасевски во која тој информираше дека дваесет до триесет контролори на летање и нивни помошници во Македонска навигација ( М-НАВ) се очекува од денеска да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, образложувајќи дека оставките се за поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција.