Полицијата потврди дека синоќа е приведен лекар во Тетово кој бил вработен како анестезиолог на гинекологија во тетовската болница. Лекарот снимал и во живо објавувал видеа од болницата на социјалната мрежа Тик Ток. Лекарот В.Д. по прилогот на ТВ 21 синоќа е приведен во тетовската полициска станица откако случајот по новинарското откритие го пријавил директорот на болницата во Тетово.
„Овој настан за нас не е разбирлив и го осудуваме секое непрофесионално однесување на медицинскиот персонал кон пациентите“, изјави за ТВ 21 директорот на болницата Пелумб Вела.
МВР соопшти дека е известен јавен обвинител за случајот.
„На 14.04.2023 во 23.40 часот во тетовско Одри полициски службеници го привеле В.Д. (43) постапувајќи по пријава од страна на П.В. , директор на Клиничка болница Тетово дека В.Д.,вработен како анестезиолог во болницата, снимал и објавувал преку мрежата „тик ток” лекарски персонал и пациенти на кои им се пружала лекарска помош. Известен е јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, информира МВР.