Откако на сите ќе им се зголемат платите, потоа на политичарите. Од практичен аспект, демагогија е секој што ќе каже дека не му е важна платата во овие тешки времиња, одговори министерот Бујар Османи на новинарско прашање по одлуката на Уставниот суд за укинување на одредби од Законот за плати и надоместоци кај избраните лица, што ќе предизвика зголемување на платите на функционерите.
„Секој политичар кој ќе каже дека не му е важна платата, тоа не е добра порака бидејќи има друг извор. Јас немам друг извор за живеење освен платата“, вели министерот Османи.
Според него, секој би сакал поголема можност, но од етички аспект политичарите треба да бидат последните на листата на граѓаните кои што треба да имаат повисоки плати.
Османи рече дека треба да ги види деталите од одлуката на уставните судии за зголемување на платите, па да одговори на новинарското прашање кое му беше поставено во врска со ставот на претседателот Стево Пендаровски дека владата може да не ја прифати ваквата одлука на Уставниот суд.
Министерот смета дека прашањето за платите на политичарите е важно и во борбата против корупцијата и за привлекување поквалитетни кадри во политиката.
Во спротивно, смета министерот со ова ниво на плати се разбира дека нема секој граѓанин, кој е квалитетен и може да ѝ нуди на политиката, да се одлучи да се занимава со тоа.