Младата Мелиса Захитовиќ од Петровец алармира дека со години таа и нејзината мајка трпат насилство од нивниот сосед, но дека нема реакција од надлежните. Зарем треба да згасне нечиј живот и потоа да се разбудиме?!, вели Мелиса во писмо до редакцијата на Канал 5.
„Јас сум Мелиса Захитовиќ (25), по професија образовен асистент во училиштето ОУРЦ (основно училиште со ресурсен центар) ИДНИНА. Вчера околу 18:30ч во Петровец доживеавме брутален физички напад од сосед, јас и мојата мајка која е во лоша состојба. Со години трпиме психичка тортура и константни закани по живот од соседот, неговиот поголем брат и останатите членови од фамилијата. Живееме во страв и трепет секоја секунда плашејќи се за својот живот. Полицијата апсолутно не презема ништо. Откако бевме физички нападнати, удирани со клоци и нозе по глава и тупаници по лицето и горните екстремитети додека неговите 5 малолетни деца го гледаа целиот настан кој траеше отприлика 10/15 без престан, дотичниот потоа се упати кон полициската станица во Петровец за да не пријави нас двете, се вели во писмато.
Мелиса вели дека откако повикала полиција, дошле по два часа заедно со соседот.
„Во меѓувреме три пати ја барав полицијата плачејќи и молејќи за итна помош, полициските службеници се однесуваа дрско преку телефон велејќи „патролата е одамна пратена чекајте”, додека од итната помош ме бараа велејќи „ништо не ти е измиј се со вода ќе помине”. ВЕ МОЛАМ!
Зарем треба да згасне нечиј живот и потоа да се разбудиме?! Кога ќе престанат мажите да креваат рака врз жена?! СТОП ЗА НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИ!“, порача Мелиса во потресното писмо до редакцијата на Канал 5.