Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ го бараат од Ковачевски договорот за „Бехтел и Енка“ за да не гласаат „мачка во вреќа“

Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои поседуваат безбедносни сертификати денеска испратија писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски да им го достави Договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10д.

Пратеникот Антонио Милошоски рече дека заедно со барањето се испратени и сериските броеви на нивните безбедносни сертификати.

„Да видиме дали државата е потчинета. Сакаме да видиме исто така кој суд е надлежен во случај на спор помеѓу двете страни, кои цени се утврдени за градежните материјали и дали сите цени се утврдени или некаде се оставени отворени. Накратко, граѓаните и пратениците имаат право да знаат како се трошат даночните средства од државниот буџет“, изјави пратеникот Милошоски.

Advertisements

Милошоски објасни дека пратениците како претставници на граѓаните бараат во најкус можен рок да им биде доставен Договорот и оти тоа барање го поднеле врз основа на чл. 68 од Уставот (Собранието врши контрола над Владата), членот 122 од Деловникот на Собранието и Законот за класифицирани информации, кој е заснован на принципот „потребно е да се знае“, кој ја утврдува потребата за пристап до класифицирани информации заради извршување на функцијата.

„Во договорот има штетни клаузули коишто прават буџетски штети, а се во корист на приватната фирма, особено после лиферувањето на делови од овој договор дека Владата се обврзала да ја продолжи работната недела од 40 на 60 работни часа, што е спротивно на Законот за работни односи и е спротивно на одлуката на Уставниот суд која што би требало да е конечна. Ваквото продолжување во самиот законодавен дом би значело прекршување на одлуката на Уставниот суд што е кривично дело. Не сакаме во Собранието да играме мачка во вреќа односно да се гласа за измена на закони кои се однесуваат на договорот, а договорот да се држи во тајност“, рече Милошоски.