Пратениците ќе ги дотеруваат законите за „Бехтел и Енка“ по скратена постапка

Владата на денешната седница одлучи предложените пет законски измени наменети за договорот со „Бехтел и Енка“, односно за изградба на автопатите од Коридор 8 и 10д, да одат по скратена постапка со европско знаменце. На тој начин ќе се избегне блокадата од опозицијата, како што рече првиот вицепремиер Артан Груби, и ќе може да се донесат побргу, затоа што, како што рече тој, овие коридори се на европската мапа и имаат поддршка од ЕУ.

– Владата на денешната седница усвои пет предлог-закони кои ќе ги достави до пратениците Со оглед на фактот што ЕУ на мапата го додаде Коридорот 8 и дека за овие закони подолго време се води дебата, одлучивме законите да се предложат со европско знаме. Ги замолуваме пратениците да се откажат од блокади и да не ги задолжуваат граѓаните со над 150 милиони дополнителни евра. Ние во Владата сме за опцијата поевтино и побрзо, рече Груби.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека законите кои се од доменот на неговиот ресор ги опфаќаат европските вредности и дека ќе важат за сите останати проекти од стратешки инетерс.

– Секоја одговорна влада во секој момент треба да покаже акција и Министерството за транспорт и врски направи суштински измени во законот за градење и во законот за урбанистичко планирање. Тие не се однесуваат само на Коридорот 8 и 10д, туку се носат за сите идни градби од национален интерес, како железничката пруга и магистралните гасоводи. Со законските измени само се забрзуваат процедурите и ги намалуваме роковите, кажа Бочварски.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, рече дека заедно со јавното претпријатие за државни патишта направиле интервенција во прелдог-законот за експропријација, заради како што рече, побрза изградба на автопатите со тоа што на семејствата кои живеат покрај предвидената траса на кои не им е завршпена процедурата за легализација на дивоградбите во кои живеат, на истите ќе им биде платена кирија за отселување во рок од 12 месеци.

– Со предлог-законот за експропријација нема експропријација на нелегално изградени објекти. Единствено ќе се овозможи на семејства што живеат на тие објекти, ако не им е завршена постапката за легализација, ќе им се овозможи дислокација со закуп на друг објект, наведе Бесими.