Реализацијата на проектот „Поврзување региони“, спроведуван од општина Витиа (Косово) во партнерство со општина Гостивар и здружението на граѓани Иницијативата за европска перспектива-ИЕП (Северна Македонија), придонесува кон намалување на загадувањето на животната средина и зголемување на квалитетот на живот на граѓаните во прекуграничните региони на Косово и Северна Македонија. Како резултат на овој двегодишен проект ќе се креира одржлив урбан развој, ќе се создадат предуслови за зелена инфраструктура и ќе се подигне еколошката свест кај граѓаните од двата региони, вели проектниот офицер, Кристина Сибиновска.
Проектниот координатор на општина Гостивар, Земра Граинца, вели дека овој проект ќе придонесе за создавање почисти, позелени и поинклузивни прекугранични региони. Како дел од проектот, оваа година ќе се почне со изградба на пешачки мост на реката Вардар во општина Гостивар, кој ќе ја зголеми пристапноста и мобилноста на пешаците и велосипедистите, луѓето со посебни потреби, а од друга страна и целокупното здравје на заедницата и социјалната еднаквост. Понатаму, ќе се почне со реконструкција и изградба на инклузивен парк во градскиот парк Гостивар, кој ќе се уреди со хортикултура, јавно осветлување и урбана опрема. Овие инвестиции ќе помогнат да се подобри состојбата на паркот и да се зголеми неговиот потенцијал како рекреативен и културен центар, да ја промовира еколошката одржливост и квалитетот на живот на своите граѓани преку обезбедување чиста и безбедна рекреативна област. Исто така, ќе се имплементира и иновативен мониторинг систем за следење на користење на мостот, како и инсталација на камери за следење во живо на паркот. Претходната година, општина Гостивар спроведе активности за зголемена свест кај населението за заштита на животната средина.
Проектот „Поврзување региони“ ќе донесе придобивки за над 128.000 жители на општина Витиа и општина Гостивар преку намалување на загадувањето на реките, подобрување во управувањето со отпадот и подобрување на јавните простори. Уредувањето на теренот за рекреација на пешаци и велосипедисти, изградбата на мостови, септички јами и речно корито, како и поставување урбана опрема, ќе го подобрат секојдневниот живот на локалните жители од двете општини и населението кое живее по течението на реките Вардар и Морава и ќе промовираат одржлив урбан развој. Овој проект ќе придонесе и за потенцијални туристи во општина Витиа и општина Гостивар, кои ќе бидат привлечени од подобрените природни и урбани средини. Дополнително, кампањите за подигнување на свеста за животната средина и обуките ќе ги зајакнат локалните заедници и сите засегнатите страни, обезбедувајќи долгорочен ангажман во напорите за заштита на животната средина“, додава Сибиновска.
Во рамки на проектот како дел од кампањата за подигнување на свеста за животната средина е изработено едукативно и промотивно видео, поставено на YouTube:
МК https://www.youtube.com/watch?v=WxesUj7jiDE
АЛБ https://www.youtube.com/watch?v=5mMPQE5Pwzc
ЕНГ https://www.youtube.com/watch?v=Kr7VrTqymJg
СРБ https://www.youtube.com/watch?v=vJfqDBnrxN8
Овој проект е финансиран од Европската Унија преку Програмата за прекугранична соработка ИПА II Косово – Северна Македонија во висина од 688,714.56 евра, а вкупниот буџет изнесува милион евра. Проектот завршува до крајот на 2025 година.