Премиерот Ковачевски го провоцира Павле Трајанов откако партијата излезе од власта

Се надевам дека како искусен политичар господинот Трајанов нема да се доведе во ситуација како Мицкоски да стане заложник на Апасиев, изјави премиерот Димитар Ковачевски во врска со напуштањето на Владата од страна на Демократскиот сојуз, откако денеска закројуваше лозја во кавадаречкото село Ресава.

Премиерот вели дека владиното мнозинство е силно и стабилно и дека реконструкцијата на Владата ќе помине со повеќе од 64 гласа.

„Ме радува што Демократскиот сојуз останува на европскиот пат и на поддршка на такви одлуки, што не можеше да се потврди досега во праска, освен декларативно, бидејќи видовме дека и вчера не го гласаше пратеникот на Демократски сојуз договорот ФРОНТЕКС, за жал. Сепак има можност во иднина своите декларации да ги покаже и во пракса. Тој тоа го најави во петокот кога имавме средба со него но сакаа да го соопштат самите. Очекувам нивните функционери во текот на денот да ги поднесат своите оставки. Тука пред се мислам на заменик-министерот за локална самоуправа. Се надевам дека како искусен политичар господинот Трајанов нема да се доведе во ситуација како Мицкоски да стане заложник на Апасиев“, рече премиерот Ковачевски.

Advertisements

Инаку, денеска заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски Жоро, кој доаѓа од редовите на Демократскиот сојуз, поднесе оставка од функцијата по вчерашната одлука на партиските тела на Демократскиот сојуз, партијата да ја напушти владината коалиција и да премине во опозиција.