Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) испратија повеќе барања до Владата и до законодавниот дом од денешниот протест.
Тие бараат итно стопирање на трендот на понижувачки говор од страна на функционери и ставање крај на агресивниот државен ПР кој ја зема работата на медиумите.
„Држава без правда не може да биде држава. Македонија нема правда. Веќе не е ни селективна правда. Особено кога се новинарите во прашање“, рече новинарката Душица Мрѓа.
На протестот беше побарана и поддршка на новинарите и медиумските работници од локалните и регионалните медиуми, имплементирање на законите кои се важни во новинарската сфера и брза и ефикасна имплементација на законите кои ја третираат безбедноста на новинарите.
Здруженијата најавија дека до Владата доставиле акциски план со рокови за реализација на сите барања.
„Законите што се важни за медиумите не се спроведуваат, владините функционери имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите, а државниот пи-ар ја зема работата на новинарите снимателите, фоторепортерите, Владата создаде најголема редакција во државата, порача претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.