Претседателката на Уставен суд пријавила морбиден инцидент на нејзиното паркинг место, дали некој ѝ се заканува на Добрила Кацарска?

Импровизиран кревет и забоден нож биле пронајдени во подземна гаража кај паркинг местото на претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, јави Слободна Европа.

Случајот е пријавен во полициска станица, а потврда стигна и од Уставен.

„На 14.05.2024 во СВР Скопје од страна на Д.К. било пријавено дека на подрачјето на Центар во подземни гаражи, во нејзино гаражно место, биле пронајдени импровизиран кревет и кујнски нож кој бил забоден на прекинувачот за светло“, велат од МВР.

Advertisements

За случајот известен е и јавен обвинител, а подигнати се и предмети за вештачење.

Портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска, попладнето на 15 мај посочи дека Кацарска вчера пријавила евентуално загрозување на сигурноста, но дали станува збор за закана или нешто друго, рече, треба да утврдат надлежните.

„Она што можам да го потврдам е нејзината пријава со оглед дека на нејзиното паркинг место во подземна гаража од затворен тип, во која има околу 50 други автомобили наоколу, е пронајден забоден нож во прекинувачот за струја кој се употребува за да се осветли делот над нејзиниот автомобил“, рече Беловска.