Не можеме да го решиме нашиот проблем со Град Скопје, со градоначалничката Данела Арсовска, бараме повисок орган, во конкретниот случај е Владата. Затоа бараме средба со премиерот и ова барање не претставува никаква закана од наша страна. Ако ни даде гаранција премиерот, веднаш ќе ги отстраниме блокадите, изјави Кемал Муриќ, претставник на превозниците.
Тој потврди дека ќе го одблокираат и булеварот Илинденска ако добијат гаранции дека долгот ќе биде исплатен, а градоначалничката на Град Скопје, ја нарече „маќеа на градот“.
Муриќ додаде дека со Арсовска нема надеж за решавање на проблемот.
Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференциј изјави дека тој одбива да држи состаноци под уцени и под притисоци.
Прво, рече Ковачевски, приватните превозници треба да ги ослободат улиците и да им ги вратат на граѓаните на Град Скопје во чија сопственост се тие улици.
Второ, на тој состанок мора да бидат присутни и надлежните органи од Град Скопје за да им се укаже дека Владата нема никаква надлежност во однос на градскиот автобуски превоз.
И трето, со оглед на тоа што станува збор за должничко-доверителски односи помеѓу приватни компании и јавно претпријатие во надлежност на Град Скопје, според Ковачевски, тие претпоставки мора да се имаат предвид.
Кога ќе се исполнат овие услови, може да се случи средба со приватните превозници врз основа на факти, а не со притисоци.