Мицкоски: Професорке заедно ќе успееме! Победуваме со повеќе од 170 000 гласови, народе на Македонија ви благодарам!

Денеска народот покажа дека си ја сака Македонија. Ветив дека ќе победиме со најмалку 100 000 гласови разлика, победуваеме со повеќе од 170 000 гласови. Ова е најдобриот резултат што ВМРО-ДПМНЕ го имала од позиција на опозиција, ова е жолт картон за власта, а црвениот мора да следи, порача вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во седиштето на партијата по првичните резултати од првиот круг за претседателските избори, кои се во корист на нивната кандидатка Гордана Силјановска Давкова. 

-Ветував многу работи и сите работи се случија. Ме напаѓаа, ме напаѓаа и од внатре, ми се закануваа, се обидуваа да не делат, да ја делат Македонија, народот. Користеа структури од минатото на ВМРО-ДПМНЕ, но ние издржавме затоа што верувавме и затоа што вие бевте со нас, ви благодарам од срце народе на Македонија, рече Мицкоски.

„Среќен сум, додаде Мицкоски, што народот на Македонија веруваше во нас, народе на Македонија ви благодарам. Голема благодарност до оваа дама до мене професорката Гордана Силјановска Давкова. Ја напаѓаа, ја навредуваа, но таа издржа и храбро се бореше. Ве молам огромен аплауз! Докажа дека верува и е горда и ќе ја направи Македонија повторно горда. Професорке заедно ќе успееме! Овие гласови се одговорност но и револт кон Пендаровски“, рече Мицкоски.

Advertisements

Тој истакна дека ова е голема победа за македонскиот народ и за граѓаните во Македонија, и пораката е јасна и единствена, дека Македонија не се плаши и се враќа во рацете на народот.

-Целиот народ, ние заедно со вас наспроти стотина трговци од ДУИ и СДСМ кои се причина за целото страдање, сиромаштија и криминал во Македонија. Македонија е на нозе, нашата сила сте вие народот, граѓаните на Македонија. Македонија денес покажа дека е посилна од криминалот и корупцијата и дека народот е определен, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека резултатите кои ги постигнале оставаат простор за задоволство, но рече, работата не е завршена.

– Имаме огормна и историска победа на многу избирачки места и бројките покажуваат дека оваа власт паѓа. Ова е најдобриот резултат што ВМРО-ДПМНЕ го имала од позиција на опозиција. Над 600 000 луѓе гласаа против власта…Имаме обврска да им ги срушиме сите идеи за калкулации и предавства, сите нивни понижувања кои ги прават посебно изминативе денови. Ова е револуција, револуција на народот на Македонија. Но работата не е завршена, а власта не е ни малку наивна. Првиот круг од изборите е жолтиот картон, а тој свети, конечниот црвениот мора да следи на 8 мај каде потребен е убедлив резултат – јасна победа над оваа криминална и корумпирана власт, рече Мицкоски.

Вечерва, додаде тој има и простор за задоволство и славење, но сподели и чувство на грижа поради, како што рече, лошите состојби во државата и потребата да се испорачаат брзи резултати, многу работа и проекти секој еден глас за нив, вели, е глас за менување на работите за подобар живот. Тој при тоа побара поддршка од сите оние кои не гласаа и од оние кои сеуште се двоумат за постигнување на победа. Вети дека нема да има одмазда кон оние кои гласаа за власта.

-Ги почитувам вашите уверувања и повеќе никој не смее да ве плаши, единствено треба да се плашат тие кои се огрешиле кон законите, а со тоа и кон народот. Е тие ќе одговараат, до последниот, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски кажа и дека пред обраќањето се слушнал со кандидатот за претседател на албанската опозиција Арбен Таравари, кому му честитал на резултатот како и успешни парламентарни избори и „идна влада во Македонија“.

-Македонија ќе ги мобилизира сите капацитети најквалитетните Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци. Ова е ваша земја, заедничка земја време е да си ја вратите во ваши раце и да испишеме заедно една нова историја со која сите заедно ќе се гордееме. Во вториот круг да не дозволиме ДУИ да успее во намерите да направи нешто кое што никој од нас не го сака, а тоа е, направи добар резултат. Затоа, ве повикувам излезете и заедно, сите ние да гласаме за Македонија да биде повторно горда и да биде Македонија повторно твоја, да биде Македонија повторно ваша, вели Мицкоски.

Тој повикува на целосно народно и седржавно обединување против оваа власт.

-Ве повикувам, овде имаме работа поважна од секоја партија, поединечниот став или интерес, за Македонија се работи, сега е моментот, ова е тоа време да се обединиме под едно знаме и под една цел. Македонија ќе биде повторно твоја, наша заедничка единствена. Покажавте дека има надеж и дека тоа сме сите ние. Нашиот момент е сега, ова е нашето време. Да се обединиме во заедничката цел. Да го направиме овој мандат и да ја направиме оваа деценија од нашата историја нешто кое ќе се памети со генерации, ајде да ја промениме реалноста да го промениме секојдневието, да го промениме светот во кој живееме на подобро, да покажеме заедно дека силата на Македонија е во нас во сите нас заедно, да бидеме пример на сите идни генерации. Државата е твоја е време е да си ја вратиш во твои раце. На крај вечерва славиме, утре продолжуваме, утре се гледаме Охрид, Вевчани, Струга, Кичево, одиме од врата на врата, од дом во дом, продолжуваме до конечна победа, рече Мицкоски честитајќи и ја како што вели идната.

На новинарско прашање тој кажа дека со Таравари не разговарал за конкретни детали, тоа рече ќе следи во наредните денови.