Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека попладнево во Вардар било пронајдено тело и најверојатно станува збор за лицето што вчера се фрлило во реката од мостот „Близнак“ на булеварот „Србија” во населбата Аеродром.
Денеска втор ден по ред се трагаше по непознатото лице.
„Согласно дојавата од граѓани на 112 во ЦУК и во координација со МВР и со Брзата помош, попладнево е пронајдено лице, кое е најверојатно е она коешто си го одзеде животот вчера, фрлајќи се од мостот „Близнак“ на булевар „Србија” во реката Вардар. Удавениот човек е лоциран на околу два километра низводно од мостот, соопштија од ЦУК.
Екипи од ЦУК, МВР, ДЗС, од општините Гази Баба и Аеродром и Градот Скопје, како и Црвениот крст два дена трагаа по лицето.
„На ден 11.12.2022 година во 6 часот на 112 во Центарот за управување со кризи е добиено известување дека непознато лице од Мостот Близнак на Булевар Србија се фрлило во речното корито во надојдените води на реката Вардар. На лице место се излезени екипи од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје како и екипи на МВР“, информира ЦУК.