Првоосомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес е Љупчо Палевски – Палчо кој во моментов е во бегство.
На денешната прес-конференцијата министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и јавниот обвинител Гаврил Бубевски не го посочија конкретно со име и презиме, но одговараа на новинарските прашања на кои изрично беше посочено неговото име како првоосомничен во грозоморните дела.
Како што информираше министерот за внатрешни работи Спасовски, лицето е заминато од државата со возило заедно со неговиот адвокат во Белград, а потоа во Бугарија.
МВР информира дека против осомничениот Љ.П., се поднесени неколку пријави во претходниот период.
Во 2019 година, вели МВР, е поднесена кривична пријава за неовластено прислушкување и тонско снимање, а во текот на 2019 година поднесени се прекршочни пријави поради омаловажување на полициски службеник.
„Во 2020 година е поднесена кривична пријава за недозволено држење на оружје или распрскувачки материи и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. Во 2005 година е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и посебни случаи на фалсификување исправа, во 2002 година за лажно пријавување на кривично дело, а во 2000 година за даночно затајување“, се вели во информацијата на МВР.