Наместо во болница, завршил на слобода – Затвореник осуден за убиство пукал во затворски полицаец и избегал

Припадник на затворската полиција од КПУ „Идризово“ е ранет во инцидент што се случил ноќеска пред полноќ, кога, според информации од Министерството за внатрешни работи, затвореник што бил превезуван со затворско комбе за укажување лекарска помош во болница пукал во него.

По инцидентот, повредениот затворски полицаец е пренесен во Ургентен центар за укажување лекарска помош.

Advertisements

Од Управата за извршување на санкции го потврдуваат инцидентот и информираат дека се работи за осуденото лице Б.М од Тетово, осуден на вкупна казна од 21 година затвор, од кои 19 за убиство и 2 за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Казната тој ја издржува од 28.12.2020 година, а му истекува на 17.04.2040 година.

„Синоќа околу 23,20 часот при спровод на осуденото лице Б.М (36) од КПУ Идризово во Ургентниот центар „Мајка Тереза” поради повреда на десната рака, на автопатот кон Скопје кај бензиската пимпа на Лукоил, службеното возило било пресретнато од возило марка „ауди“ со сива боја без регистерски таблички кое им го блокирало патот. Осуденото лице во тој момент му го одзел службениот пиштол од футрола на затворскиот полицаец И.Х кој го возел комбето, пукал во него и го повредил во долниот дел на стомакот. Поради повредата, возачот го запрел возилото, а осуденото лице се дало во бегство со патничкото возило „ауди“, соопштуваат од Управата.

Управата за извршување на саканции информира дека ќе се распише централна потреница по избеганиот затвореник и ќе се направи вонреден надзор во КПУ Идризово, со цел да се утврди зошто не била обезбедена полициска асистенција за спроведот на осуденикот до болница.

„Со учесниците на настанот извршени се разговори од страна на надлежните на МВР. Издадена е наредба за распишување на централна потерница. Управата за извршување на санкции ќе направи вонреден надзор во КПУ Идризово и за сите утврдени неправилности ќе преземе соодветни мерки со цел да се утврди зошто не била обезбедена полициска асистенција за спровод до болница. Воедно. ќе се утврдува дали постои одговорност за организацијата на спроведувањето на осуденикот како и за пропустите кои довеле до ваква разврска на целиот настан“, се вели во соопштението од Управата.